Кога немам каде да се вратам

- приказни на внатрешно раселени лица од конфликтот 2001

Автор:
Филип Ивковски

Универзитет „Св. Кирил и Методиј“,
Правен факултет  „Јустинијан Први“ – Скопје
Правна клиника за право на бегалци
2020, Скопје

Апстракт

Во овој труд ќе ја разгледаме проблематиката на внатрешно раселените лица како феномен кој има поголеми размери од надворешните миграции и бегалски кризи со кои сме запознаени. Имено меѓународната правна регулатива ги делигрупите на раселени лица во бегалци, баратели на азил и внатрешно раселени лица. Со сè позатворени меѓународни граници и сè поостри критериуми за доделување азилантски статус развиените индустриски земји сè почесто ги враќаат бегалците уште од граница, доколку воопшто успеат да дојдат до неа. Така на загрозените лица не им останува ништо друго освен да бегаат внатре во сопствената земја. Бројот такви внатрешни бегалци е зголемен пропорционално на намалувањето на бројот меѓународни бегалци. При тоа првите најчесто се во уште полоша состојба отколку вторите. Внатрешните бегалци се повеќе загрозени, посиромашни и им треба повеќе помош, отколку на сите други жртви на војна и природни катастрофи.

Центарот за следење на внатрешното раселување во глобалниот извештај за внатрешно раселување предупредува дека на причините за внатрешно раселување (лицата раселени во границите на земјата) на вкупно 50,8 милиони лица како што се судири, насилства и елементарни непогоди би можеле да се додаде и новиот тип на коронавирусот (Ковид-19).

Воедно еден сегмент од трудот ќе биде посветен на конфликтот кој се случи во нашата држава во 2001 година, состојбата со внатрешно раселените лица по тој повод и од лични искуства ќе дознаеме за едни поинакви искуства кои не се честа тема на интерес во време на конфликт.

Статистички податоци за состојбите

Во извештајот „Изгубени дома“[1] на УНИЦЕФ се вели дека бројот на внатрешно раселени лица како резултат на насилство и конфликт се зголемил од 25 милиони пред една деценија на повеќе од 40 милиони во последните пет години. Исто така, минатата година повеќе од 40 проценти од раселените биле на возраст под 18 години. Во 2019 година се регистрирани околу 33 милиони новораселени, меѓу кои и 12 милиони деца, а УНИЦЕФ наведува дека пандемијата на коронавирусот годинава уште повеќе ја влоши состојбата за раселените деца и семејства. Во извештајот се истакнува дека раселените лица немаат пристап до основни услуги и се изложени на ризик од насилство, експлоатација, злоставување, трговија со луѓе, експлоатација на труд и одвојување од семејството.

Внатрешно раселените лица се „лица или групи лица кои биле присилени или натерани да пребегаат или да ги напуштат сопствените домови или местото на вообичаен престој, особено како резултат на или со цел да ги избегнат ефектите од вооружен конфликт, ситуации на генерализирано насилство, прекршувања на човековите права или природни катастрофи или катастрофи предизвикани од човекот, и кои не преминале меѓународно призната државна граница“.[2]

Дефиницијата дадена во Водечките принципи за внатрешно раселување истакнува два елемента:

1) принудниот или недоброволниот карактер на движењето; и

2) фактот дека таквото движење се врши во рамки на националните граници.

 

Неточни, но често користени термини се „домашни бегалци“ или „внатрешни бегалци“. Внатрешно раселените лица немаат меѓународно признат статус на истиот начин како што бегалците се признаени како странски државјани и заштитени со Конвенцијата за статусот на бегалците од 1951 година. Сепак, внатрешно раселените лица уживаат права во согласност со националните закони и меѓународното право и треба да бидат заштитени на таа основа. Исто така, не треба да го користиме терминот „статус на внатрешно раселено лице“: иако терминот „бегалец“ подразбира специфичен правен статус во согласност со меѓународното право, користењето на терминот внатрешно раселени лица не упатува на таков статус. Голем број земји немаат утврдено правен статус за внатрешно раселени лица како група. Во некои контексти, издвојувањето на внатрешно раселените лица од поширокото население преку доделување посебен правен статус за нив може да подразбира ризик од зголемување на нивната изложеност на дискриминација.

 

Која е разликата помеѓу внатрешно раселено лице и бегалец?

Според Конвенцијата за статусот на бегалците од 1951 година, „бегалец“ е личност која, „заради основано страв од прогон заради причини на раса, религија, националност, членство во одредена социјална група или политичко мислење“ е надвор од земјата на својата националност и не е во можност, или заради таков страв, не сака да се искористи од заштитата на таа земја, или кој, без државјанство и да е надвор од земјата на своето поранешно вообичаено живеалиште како резултат на такво настаните, не е во состојба или, заради таков страв, не е подготвен да се врати на тоа “. Последователните меѓународни инструменти (како што е Декларацијата Картагена за бегалците и Конвенцијата со кои се регулираат специфичните аспекти на проблемите со бегалците во Африка) ја проширија оваа дефиниција за некои држави на лица што бегаат од општите ефекти од вооружен конфликт и / или природна непогода.

Клучен услов да се смета за „бегалец“ е преминување на меѓународна граница. Затоа, лицата што се присилно раселени од своите домови, кои не можат да изберат да ја преминат границата, не се сметаат за бегалци, дури и ако споделуваат многу исти околности и предизвици како и оние што прават. За разлика од бегалците, овие внатрешно раселени лица немаат посебен статус во меѓународното право со права специфични за нивната состојба. Терминот „внатрешно раселено лице“ е само описен.

 

Патологија (причини) за ваквата проблематика

Внатрешното раселување се одвива во широк спектар на контексти, со повеќе двигатели. Водечките принципи даваат неисцрпна листа со причините за внатрешно раселување, вклучувајќи вооружен судир, генерализирано насилство, кршење на човековите права, природни катастрофи или катастрофи предизвикани од човекот. Развојните инвестиции, како што се големи инфраструктурни или урбанистички проекти за обнова, исто така можат да предизвикаат раселување и кршење на човековите права во голем обем.

Покрај раселувањето предизвикано од природни катастрофи или од развој, во повеќето случаи основните причини за раселување се оние кои предизвикале, или барем придонеле за, настанување на вооружени конфликти или ситуации на насилство на прво место. Сиромаштијата, ефектите од климатските промени, недостигот на ресурси, политичката нестабилност и слабиот систем на управување и правдата може да бидат катализатори за раселување предизвикано од конфликт.  Останува една од главните причини за присилно раселување во вооружен конфликт, несомнено, да е кршењето на меѓународното хуманитарно право – и ова е местото каде Меѓународниот комитет на Црвениот крст, согласно мандатот, има специфична улога во потсетување на сите страни во конфликт на нивните законски обврски.

Треба да се напомене дека тие биле присилени од своите домови од истите причини како бегалците, но не поминале меѓународна граница. Честопати прогонувани или под напад од страна на нивните сопствените влади, тие честопати се наоѓаат во очајна состојба од бегалците. Тие исто така ги надминуваат бегалците два на еден. Ниту една меѓународна агенција нема официјална мандат да им помогне. Тие понекогаш се нарекуваат „внатрешни бегалци“, но почесто се познати како внатрешно раселени лица.

 

Кратка анализа на Водечки принципи за внатрешно раселување
 
I. Позадина на водечките принципи
 
Процесот на нивно креирање започнал во 1993 година, на барање на Комисијата за човекови права. Потребата за меѓународни стандарди за заштита на внатрешно раселените лица стана очигледна во 90-тите години кога бројот на луѓе кои биле раселени во рамките на нивните земји поради вооружени судири, етнички судири и злоупотреби на човековите права започнал да расте.

За разлика од случајот со бегалците, дотогаш не постоел меѓународен универзален договор што важи специјално за внатрешно реселените лица. Водечките принципи претставени од тогашниот претставник на генералниот секретар на ООН за раселени лица, М. Францис Денг, до Комисијата на ООН за човекови права во 1998 година и се сметаат за пресвртница на меѓународен план.

Водечките принципи се во согласност со и ги рефлектира меѓународните човекови права и хуманитарното право, како и правата за бегалци по аналогија. Принципите ги толкуваат и применуваат овие постоечки норми во насока на  состојбата со раселените лица. Иако не е обврзувачки правен инструмент, принципите добија значителен авторитет од нивното донесување во 1998 година. Генералното собрание на ООН ги призна како важна меѓународна рамка за заштита на ВРЛ и ги охрабри сите релевантни актери да ги користат кога ќе се соочат со ситуации на внатрешно раселување. Регионалните организации и држави, исто така, ги сметаат принципите како корисна алатка, а некои ги вклучија во законите и политиките.

Последователно се изработени прирачник и правни забелешки со цел Водечките принципи да бидат подостапни.

 

 

II. Содржина

Водечките принципи поставија 30 принципи кои ги опишуваат правата на внатрешно раселените лица (ВРЛ) и одговорностите на националните влади да ги штитат и помагаат нив. Тие детално ги даваат гаранциите релевантни за заштитата и помошта на ВРЛ за време на раселувањето сè до нивното постигнување трајни решенија преку враќање, реинтеграција или решавање на други места во земјата. Тие исто така опфаќаат заштита од произволно раселување. Начелата ја потенцираат примарната одговорност на националните власти за заштита и помош на сите ВРЛ, без оглед на причината за нивното раселување.

Имено, Водечките принципи упатуваат на тоа дека заштитата и помошта на внатрешно раселените лица (во понатамошен текст: ВРЛ) се базира на четири основни начела и тоа:  еднакви права и еднакви обврски – се однесува на констатанцијата дека овие лица ги уживаат правата загарантирани со домашното и меѓународното законодавство. Воедно се истакнува обврската за заштита и спречување на дискриминација како и потребата од соодветен пристап во зависност од таргет групата (како особено ранливи групи ги посочува: децата, жените, старите лица и лицата со попреченост), универзална примена – која се должи на  фактот дека истите се засноваат на постоечкото меѓународно право односно ги повторуваат и разработуваат нормите воспоставени со меѓународното обичајно право, меѓународното хуманитарно право и меѓународното право за правата на човекот кои сами по себе имаат обврзувачки карактер, право да се бара и ужива азил – се нагласува дека ВРЛ и понатаму да бараат и уживаат во правото на азил во други држави независно од нивниот статус на внатрешно раселени лица и сувереноста значи одговорност – се јавува како коректив на ставовите дека меѓународната помош во ваквите ситуации би значела мешање во внатрешните работи на државата, па затоа Водечките принципи ја истакнуваат должноста на државите да обезбедат заштита, фер третман и помош на ВРЛ.

Понатаму, Водечките принципи забележуваат дека арбитрарното раселување е забрането (принципи 5-9). Односно нудат рамка за заштита на лицата од недоброволно раселување и посочуваат на одговорноста на државите и властите за превенција и спречување на таквото раселување. Односно тука се разработуваат начелата за забрана на произлволно раселување, идентификација на алтернативи за раселување, консултации со погодени стани и минимизирање на раселувањето и неговите несакани ефекти.

Прицнипите од број 10 до 23 се однесуваат прашањата на заштита на внатрешно раселените лица. Штом лица се раселени, тие задржуваат широк спектар на економски, социјални, културни, граѓански и политички права, вклучително и право на основна хуманитарна помош (како храна, лекови, засолниште), право да бидат заштитени од физичко насилство, право на образование, слобода на движење и престој, политички права како што е право на учество во јавни работи и право на учество во економски активности. Имено, може да заклучиме дека заштитата е групираната на следниот начин: I група принципи за физичка безбедност и сигурност на поединците (право на живот, право на достоинство и интегритет на личноста, заштита од произволно апсење и притвор, избор на место на живеење, забрана за присилно враќање итн.), II група принципи кои се однесуваат на семејните права (единство на семејството, семејна реунификација, права на децата итн.), III група принципи кои ги опфаќаат економските и социјалните права и IV група принципи кои се фокусираат на граѓанските, политичките и другите слични права.

Четвртиот дел од Водечките принципи се однесува на пристапот до хуманитарна помош, улогата и одговорноста на националните власти како и на меѓународните организации во обезбедување на потребната помош. Значи детално се уредуваат и положбата и одговорностите во процесот на заштита на ВРЛ од страна на домашните власти воедно се посочува и на мандатот на извесни меѓународни организации (Меѓународниот комитет на Црвениот крст, Високиот комесар за белаци на ООН (УНХЦР), УНИЦЕФ, Меѓународната организација за миграции итн.) и нивната улога во испорачување на нивните услуги и тоа непристрасно и без дискриминација. Раселените лица имаат право на помош од надлежни органи при доброволно, достоинствено и безбедно враќање, преселување или локална интеграција, вклучително и помош за враќање на изгубениот имот што одговара на нивното круцијално право на слободно движење и слобода на избор на местото на живеење. Кога враќањето не е можно, Водечките принципи повикуваат на компензација или надомест на штета.

Изнаоѓањето на трајни решенија е крајна цел за внатрешно раселените лица. Решенијата може да се постигнат кога внатрешно раселените лица одново ќе започнат со стабилен и сигурен живот, враќајќи се во матичните места или преселувајќи се на друга локација. Клучната улога во процесот ја сносат националните власти кои треба пред се да го почитуваат начелото на забрана за присилно враќање, потоа афирмација на недискриминирачки однос спрема овие лица како и соодветна реинтеграција во општествените текови. Воедно се поттикнува и тоа властите да доделат брз и непречен пристап на меѓународните хуманитарни организации и другите соодветни чинители во пружање на меѓународна помош во најразлични форми и облици.[3]

 

Краток осврт на конфликтот 2001

Воениот конфликт во Република Северна Македонија од 2001 траeл од јануари до ноември 2001 година. Конфликтот започнал кога албанската паравоена формација Ослободителна Народна Армија (скратено ОНА), ги нападнала безбедносните сили на Македонија. Конфликтот продолжил во поголемиот дел од 2001 година. Се смета дека со потпишување на Охридскиот рамковен договор на 13 август 2001 конфликтот доаѓа до завршница иако дел од акциите продолжиле. Албанските припадници на ОНА биле разоружени од страна на НАТО пактот од 22 – 27 август. По завршување на оваа операција, следувало изјава дека се распушта Ослободителната Национална Армија.

 

Состојбата со внатрешно раселените лица за време и по конфликтот и личните приказни на…

Неспорен заклучок е дека конфликтот е причината за раселувањето на лицата во 2001 година. Имено според Институт за антропологија, до август 2001 година, бројот на раселените лица од конфликтот бил 170.000, од кој 84.669 (август, 2001) внатрешно раселени. Според статистиките, околу 23% од внатрешно раселените лица биле Албанци, додека околу 67% биле етнички Македонци[4]. Бројот на ВРЛ бил комплициран точно да се одреди поради честото движење на ВРЛ кон и од нивните домови за време на конфликтот.

„Раселените“ се една од најмногу повредените групи учесници во војната во 2001, кои под директно влијание на насилство или под закана на насилство морале да ги напуштаат своите домови, не знаејќи кога и дали воопшто ќе се вратат.

Некои од тие луѓе под сугестија на полицијата ги напуштале своите домови бегајќи кон соседните села или блиските поголеми градови, други отишле преку планина избегнувајќи контакт со други. Некои отишле со кола, некои со трактор или дури пешки. Но, сите во несигурност и неизвесност од тоа што ќе биде после. Ние сите нив ги сметаме како „бегалци“ или „раселени“, без оглед на тоа дали некогаш побарале или добиле некој официјален статус како внатрешно раселено лице (ВРС).[5]

Во понатамошниот текст го бидат презентирани и цитати од книгата “Огништа” публикувана од Здружението Мировна акција, а со цел да допреме подлабоко во она што значи да си внатрешно раселено лице, да мора да го напуштиш својот дом и предизвиците кои претстојат на патот.

“Се сеќавам дека бев на школо и почнаа да се слушаат пукотници, нас нè пуштија од школо, учителката нè изнесе сите надвор развикувајќи одете сите по вашите домови затоа што почнува војната, ги слушавме пискотниците на децата, се плашевме, сите бевме исплашени затоа што по патот поминуваа и тенкови, македонски војници, луѓето трчаа.

Родителите … одлучија јас со тетка ми, со двајцата браќа, двете сестри и децата на тетка ми да избегаме. Најлошото беше што моите родители не можеа да дојдат со нас…” [6]

„Јас со себе не зедов ништо … затоа што леб ниту имавме воопшто, даа, и моите деца од овде имаше 48 часа додека пешачевме 18 часа ние не јадевме ништо… кај нас целото село беше пусто…” [7]

„Баш бев на училиште и се сеќавам дека мојата класна, дојде…и ми рече: „Ти уште си тука?“викам, „да, а зашто? Каде треба да бидам?“ Вика: „Ај ако сакаш со мене малку напушти го часот!“ Јас сега како што ми ги изговара тие зборови си станувам директно од клупа и таа ми вика: „Не, не, не“, вика, „врати се!“, вика, „сè што имаш твое“, вика, „земи си со тебе!“… и излегов и таа ми вика: „Слушај не треба веќе да бидеш на настава, треба да си одиш под хитно дома… еве и медиумски, знаеш, кажуваат, дека треба луѓето од Арачиново… не знам што е работа…се сеќавам дека ние бевме изгубени, значи не знаевме на која страна да се свртиме… и велам на мајка ми, „што попрво?,  то да земам?“, вика „Не знам“, вика, „земи една торба и што  можеш да земеш, немаме време. Не дај боже…“, значи, не ни беше важно тоа што требаше да бегаме, значи гледавме да се спасиме само.“ [8]

Неисцрпна е листата на проблеми и предзвици кои следувале понатаму за овие лица. Секој ден носел само нови стравови, трауми и неизвесности.

… без родителите, без мама, се чувствував многу лошо, се чувствував, сакав да се вратам… сакав да се вратам но тие не ме пуштаа, не знаев дали ќа ги видам пак родителите, дали ќе го видам пак моето место, Како може да биде за едно дете да го одделиш од неговата мајка во таква една состојба.

“Добивте статус на раселено лице?  Да.  Како се чувствувавте заради тоа? Па, многу тешко. Во своја сопствена држава, да бидеш раселен. Тоа го нема нигде.” [9]

“…се плашевме, не од смртта, туку од лошите работи кои можеа да се случат, највеќе се плашевме дека можеби ќе останеме живи но со последици.” [10]

“…тие стрелаа директно кон нас, тие беа толку многу сигурни, толку прецизни што јас не можев да го замислам, неколку гранати паднаа кај нашата куќа, ги гледав како паѓаат, додека другата падна в ѕид, јас не знам, ние бевме позади зидот, Махир се слуша од долу како ми вели баџо, дојди заслони се легни тука…

…брабраууу… кога падна го зафати еден наш соселанец и на место му ја отсече ногата, Махира го погоди и го фати на оваа страна, (покажува со раце каде, кај стомакот) парче од граната а јас бев на нозе, мене ме фати на оваа нога на ова место и на ова место, на две места (покажува со раце местата каде е ранет), едниот го фати во стомак, и тогаш се разделивме и не знам како сме се оддалечиле од местото.”

“Ние многу тешко го доживеавме, јас лично, јас сум бил тука, не сакав да го оставам огништето…

Најзначајни беа децата, за мене веќе не беше битно ништо тогаш, знаеш, реков и пред малку јас ја зедов ќерката на грб додека сопругата го зеде синот..” [11]

Што се однесува до потребите за помош, треба да се направи разлика помеѓу различните сместувачки опции кои ги имале/немале раселените лица. Оние кои престојувале во колективните центри биле  во најлоша позиција, додека ВРЛ кои живееле со семејства домаќини имаа лесен пристап до храна, хигиена и медицински материјали.  Поголемиот дел од ВРЛ беа сместени во семејства домаќини (во повеќето случаи роднини). Кога бројот на раселени беше најголем во текот на месец август 2001 година, околу 60.662 ВРЛ престојуваа со семејства домаќини.

Сместувањето било безбедено и преку колективни центри. На крајот на август 2001 година, имало 3 857 лица сместени во 21 колективен центар. [12]

„По војната, 13 години живеев во колективни центри. Како може тоа да ми е поубаво кога во Арачиново имав куќа од 200 квадрати и двор од 2.000 квадрати?“ [13]

“Откако се сместивме во колективен центар беше многу тешко. Прво, од почетокот во една соба четворица: со жена, со ќерка и со син. Што значи: тука спиеш, тука се соблекуваш, сите работи… Значи многу тешко беше. Понатаму во едно купатило 37 – 40 души, тука перална, тука бањање и ред други работи, многу тешко беше во почетокот” [14]

“Па нема да ми излезе од памет ни… никогаш животот кои го поминав во.., во тој подрум, значи времето поминато со толку многу луѓе, готвењето на храната, децата, бомбардирањата, страдањата, хигиената, но и солидарноста и меѓусебната помош која ја дадовме во тие несакани моменти. Значи чувствата беа премногу измешани во тие моменти, дали би можело да се случи нешто полошо, потоа се мислев каква вина имав јас на таа возраст, кој ќе даде одговор за овие лоши работи што се случуваат, потоа после некое време дојде полицијата и македонската војска и насилно не извади од селото.” [15] 

“Од денот кога почна војната до моментот кога се иселивме има… помина еден период од еден месец. Нашиот престој за време на војната беше ужасен. Замисли како било, без струја, по разни подруми, сите комшии кои немаа подруми се собираа кај нас, во нашиот подрум. Имавме недостаток на храна, голема толпа на луѓе, и кога имаше пукање требаше да отидеме и да ги собереме и старите лица и другите за да дојдат кај нас за да не се случи нешто… некое ранување од гранатите кои што паѓаа во нашето село.”

[16]“Условите во Урошевац кај тетка ми беа добри затоа што јас престојував кај мојата тетка, но животот во туѓо место…”

“…без разлика дали беа Роми или Македонци, доброволно се нудеа да одиме во нивните домови, нон стоп не прашуваа како сме, дали се чувствуваме безбедно, значи сите ни ја дадоа потполната поддршка што ни беше потребна за ние да бидеме прифатени во таа нова средина” [17]

Меѓународната заедница брзо реагирала на потребите на раселените лица во Македонија. Главниот хуманитарен актер за време на конфликтот беше Меѓународниот комитет на Црвениот крст, обезбедување помош на повеќе од 120,000 раселени лица, евакуирајќи повеќе од 1.200 ранливи луѓе и обединување околу 200 одделени семејства (МКЦК 1 декември 2001 година). Друг значаен одговор бил оној од агенциите на ООН. УНХЦР и УНДП биле активни во рехабилитација на инфраструктурата, потоа биле спроведени програми на СЗО и УНИЦЕФ во врска со повторното воспоставување на примарна здравствена заштита на ВРЛ. Исто така биле вклучени и бројни невладини организации од нашата држава.

И покрај политичкиот пробив, потпишувањето на Охридскиот рамковен договор,  целосното враќање било инхибирано заради нестабилната безбедносна состојбата и оштетената инфраструктура како и големиот дел на уништени домови.

“Ви беше ли сеедно тоа што и покрај тоа што не живеевте во вашиот дом, тој ви беше запален и уништен? Па, тешко ми беше (воздивнува). Зошто јас таа куќа сум ја градел, со мојата младост таму му отишла, повеќето со макотрпна работа, со лична заработка, повеќе сум вложувал во неа, него во други работи, и така да тешко ми падна многу, зашто така, без причина… Не сум имал со никого проблеми за да, за да ми ја запалат куќата” “Претходно имав доверба и мислев дека за кратко време ќе се вратиме. Меѓутоа, кога почнаа со демолирање на куќите, со крадење предмети, со собирање све што имаш во куќата ја изгубивме надежта.”[18]

“И после два – три дена отидовме и ние ама тоа што ќе видиш, пустош… Аа, кога ја видов таа слика бога ми тешко (зборува со насолзени очи). Да не даде Господ више да се повтори”. [19]

“Куќата ја оставив целосно добро… Јас 68-та ја направив куќата, 69-та влегов на работа, и еве 30 години што инвестирам во таа куќа, беше месец август, се запали и шталата и се стори пепел и… Кога отидов, кога видов, не можам да се сетам како сум се почуствувал, седнав тука во дворот во горниот дел и гледав, не знам како да ви кажам. Сè беше изгорено до темел (многу се возбуди, му доаѓа да плаче) ова беше нешто…” [20]

“Куќата изгоре некаде… кога се случи тој Рамковен Договор како што го викаат” [21]

Секако неминовен дел, за жал, во нашето општество претставува и двојната виктимизација на жртвите како што може да видиме од следната изјава:

„ Мислам дека предвреме, 2001-ва нè натера да созрееме, ни даде друг ритам на живот значи. Откако… откако се сместивме, значи во интернат веднаш добивме етикета, значи раселени лица.

 Еве ги овие од Арачиново, што сакаат? Сè добија, си седат во интернати, значи им плаќа државата сметки за струја, за вода, им дава јадење и пак бараат…“ Значи сакам да кажам дека луѓето имаат, не знам, некаков.. имаа негативен став кон нас. Па да ви кажам, ме погаѓаше (повредуваше) многу, затоа што јас не бев виновна за тоа што се случи.” [22]

Приказните од раселените лица не се само регистар на настаните кои овие лица ги доживеале, туку тие претставуваат пред сè досие на една поинаква, искрена и достапна реалност која сè уште постои во нејзината автентична форма и опстојува наспроти сите преовладувачки извртени раскажувања од тоа време. Нивната искреност често остава чувство на огорченост, тага, сочувство и сожалување, но на крајот, читањето на сите приказни ја буди во нас волјата за разоткривање на сета реалност која цела деценија се рециклира за најразлични цели, а сега, крајно, се отвора во процес на соочување со минатото. [23]

Не би сакала да има никој како моето искуство, не дај боже значи, не му посакувам на никого, нема врска значи ни вера, ни националност, ни пол, не ни возраст.” [24]

“Поголемиот број отиде према Илинден, значи денес нè има на сите страни, значи кога ќе почнеш од Волково па сè до… до Миладиновци, до Кадино.” [25]

Приказните укажуваат на апсолутно недоволната грижа на општеството за третирање на трауматските искуства на раселените лица, трауми кои сè уште го обликуваат начинот на кој овие лица го доживуваат општеството. Оттаму, во многу од нив на моменти се забележува вкоренетост во минатото, во околностите и перцепциите од тоа време што предизвикува продолжено присуство на стравови и фрустрации во нивните лични и семејни животи.

Дел од раселените лица сè уште не се вратени во своите домови, а во приказните тоа се одразува како болен копнеж за враќање кој сите овие години од 2001-та придонесол за наталожување на тешка тага и разочарување. Нивните судбини остануваат темна дамка врз македонската држава и општеството. Неотворањето на процесот на соочување со минатото преку константните политички опструкции и замаглување на сликата, само ја отежнува и онака комплицираната ситуација.

Целосните животни приказни на лицата наведени погоре може да ги прочитате во книгата“Огништа” публикувана од Здружението Мировна акција, достапна електронски на нивната бев страна. [26]

Заклучок

Милиони луѓе се принудени да ги напуштат своите домови или местата каде живеат вообичаено секоја година, вклучително и во контекст на конфликт, насилство, развојни проекти, катастрофи и климатски промени и остануваат раселени во нивните земји каде живеат. Уште милиони живеат во ситуации на долготрајно раселување или се соочуваат со ризик од раселување. Секој еден од овие милиони е важен, на секој му е потребна соодветна грижа, фер третман, еднакви можности и услови за уживање на своите човекови права и слободи. Тоа пак од друга страна во суштина се и  предизвиците на националните власти и меѓународните организации.

Покрај, стандардните фактори (конфликти, природни катастрофи и прекшувања на човековите права) 2020 година на сцена донесе уште еден фактор кој има енормно влијае врз тековите на миграциите и соодветниот одговор на истите, а тоа е глобалната пандемија со корона вирусот Ковид-19. Останува да видиме како ќе се развиваат настаните и како меѓународниот и домашниот поредок ќе се адаптираат на новите потреби.

Фусноти

 

  1. LOST AT HOME – United Nations Children’s Fund (UNICEF), UNICEF Data and Analytics Section, Division of Data, Analytics, Planning and Monitoring, in partnership with the Migration and Displacement Team, Programme Division. 1; 18 May 2020
  2. Guiding principles on internal displacement, United Nation, Economic and Social Council, E/CN.4/1998/53/Add.2 11 February 1998 5
    https://documents-dds-ny.un.org/doc/UNDOC/GEN/G98/104/93/PDF/G9810493.pdf?OpenElement
  3. Прирачник за примена на Раководни начела за внатрешно раселување, Центар за бегалци и присилени миграции при Институт за социолошки и политичко правни истражувања, 41077 јуни 2000 5М, страна 87 https://www.brookings.edu/wp-content/uploads/2016/07/Handbook-in-Macedonian.pdf
  4. PROFILE OF INTERNAL DISPLACEMENT : MACEDONIA – Compilation of the information available in the Global IDP Database of the Norwegian Refugee Council (as of 21 January, 2002)
  5. “Огништа – животни приказни на раселените од 2001 ”” – Издавач: Мировна Акција, 2013 година, стр. 8-20
  6. НН – “Огништа – животни приказни на раселените од 2001 ””, Мировна акција, стр.126-136
  7. Хајрие Иљази – “Огништа – животни приказни на раселените од 2001 ”” – Издавач: Мировна Акција, 2013 година, стр. 26-58
  8. Катерина Стоилевска – “Огништа – животни приказни на раселените од 2001 ”” – Издавач: Мировна Акција, 2013 година, стр. 58-126
  9. Тихомир Стоилевски – “– “Огништа – животни приказни на раселените од 2001 ”” – Издавач: Мировна Акција, 2013 година, стр. 136-186
  10. Мевлуде Иљази – “– “Огништа – животни приказни на раселените од 2001 ”” – Издавач: Мировна Акција, 2013 година, стр. 186-220
  11. Хиџет Беќири – “Огништа – животни приказни на раселените од 2001 ”” – Издавач: Мировна Акција, 2013 година, стр. 389-422
  12. PROFILE OF INTERNAL DISPLACEMENT : MACEDONIA – Compilation of the information available in the Global IDP Database of the Norwegian Refugee Council (as of 21 January, 2002)
  13. Призма – “Арачиново и денес ги носи лузните од конфликтот пред 15 години”, 04 јули 2016 https://prizma.mk/arachinovo-denes-gi-nosi-luznite-od-konfliktot-pred-15-godini
  14. Тихомир Стоилевски – “– “Огништа – животни приказни на раселените од 2001 ”” – Издавач: Мировна Акција, 2013 година, стр. 136 – 186
  15. Мевлуде Иљази – “Огништа – животни приказни на раселените од 2001 ”” – Издавач: Мировна Акција, 2013 година, стр. 186-220
  16. НН – “Огништа – животни приказни на раселените од 2001 ”” – Издавач: Мировна Акција, 2013 година, стр. 126-136
  17. ДИ – “Огништа – животни приказни на раселените од 2001 ”” – Издавач: Мировна Акција, 2013 година, стр. 320–362
  18. Тихомир Стоилевски – “Огништа – животни приказни на раселените од 2001 ”” – Издавач: Мировна Акција, 2013 година, стр. 136-186
  19. Даринка Панајотова – “Огништа – животни приказни на раселените од 2001 ”” – Издавач: Мировна Акција, 2013 година, стр. 220-250
  20. AA – “Огништа – животни приказни на раселените од 2001 ” – Издавач: Мировна Акција, 2013 година
  21. Хиџет Беќири – “Огништа – животни приказни на раселените од 2001 ” – Издавач: Мировна Акција, 2013 година, стр. 389-422
  22. Катерина Стоилевска – “Огништа – животни приказни на раселените од 2001 ” – Издавач: Мировна Акција, 2013 година, стр.58 – 126
  23. “Огништа – животни приказни на раселените од 2001 ” – Издавач: Мировна Акција, 2013 година, стр.8-20
  24. Катерина Стоилевска – “Огништа – животни приказни на раселените од 2001 ” – Издавач: Мировна Акција, 2013 година, стр.58 – 126
  25. Тихомир Стоилевски – “Огништа – животни приказни на раселените од 2001 ”” – Издавач: Мировна Акција, 2013 година, стр. 136-186
  26. Линк од публикацијата – http://mirovnaakcija.org/wp-content/uploads/2015/04/OGNISTA-VATRA.pdf
Користена литература:

 

  1. LOST AT HOME – United Nations Children’s Fund (UNICEF), UNICEF Data and Analytics Section, Division of Data, Analytics, Planning and Monitoring, in partnership with the Migration and Displacement Team, rev. 1; 18 May 2020
  2. “Огништа” – Издавач: Мировна Акција, 2013 година
  3. PROFILE OF INTERNAL DISPLACEMENT : MACEDONIA, Compilation of the information available in the Global IDP Database of the Norwegian Refugee Council (as of 21 January, 2001)
  4. PROFILE OF INTERNAL DISPLACEMENT : MACEDONIA, Compilation of the information available in the Global IDP Database of the Norwegian Refugee Council (as of 26 February, 2004)
  5. CRS Report for Congress, Received through the CRS Web, Macedonia: Country Background and Recent Conflict, November 7, 2001, Julie Kim -Specialist in International Relations Foreign Affairs, Defense, and Trade Division
  6. Статија “Расте бројот внатрешно раселени лица во светот” – Deutsche Welle, 20.06.2006, Пермалинк https://p.dw.com/p/Ac5d
  7. Guiding Principles on Internal Displacement, United Nation, Economic and Social Council, E/CN.4/1998/53/Add.2 11 February 1998
  8. Internally displaced persons and international humanitarian law – Factsheet, International Commitee of the Red Cross, Article, 14 DECEMBER 2017
  9. Developments in the legal protection of IDPs – International Commitee of the Red Cross, Article, 01 DECEMBER 2008
  10. Водечки Начела за Внатрешно Раселување –Aid Macedonia/ Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС)
  11. Questions and Answers about IDPs – The Office of the High Commissioner for Human Rights (UN Human Rights) https://www.ohchr.org/EN/Issues/IDPersons/Pages/Issues.aspx