[Соопштение] Виш тематски форум за меѓународна заштита на бегалци: Заштита на жените и децата раселени поради вооружени конфликти

Центарот за право на бегалци и миграција при Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во партнерство со Претставништвото на УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, во Северна Македонија и со Меѓународниот институт за хуманитарно право во Санремо, на 16.12.2022 организираше Виш тематски форум за меѓународна заштита на бегалци со посебен фокус на заштита на жените и децата раселени поради вооружени конфликти. Форумот се организираше во насока на креирање и воспоставување платформа од која различните општествени чинители би се залагале за потрага по решенија за безбедност за оние кои имаат потреба од заштита. 

Форумот беше домаќин на 35 учесници од 21 земја од Европа, Азија и Африка ги истражуваа можностите за интеграција на жени и деца раселени поради конфликт преку идентифицирање на засегнатите страни релевантни за неговото олеснување и преку споделување на најдобрите практики. Дополнително форумот претставува платформа за подигнување на свеста за тоа како конфликтите влијаат на жените и децата и како меѓународното (хуманитарно, човекови права, бегалско) право ги штити кога се погодени од конфликт.

Учесниците имаа можност да проследат презентации од истакнати експерти и зедоа учество во креирање предлози за сите релевантни чинители да ја олеснат заштитата и интеграцијата на жените и децата при присилно раселување. Резултатите од работните групи ќе бидат објавени во документ за јавна политика. 

По повод отварањето на форумот се обратија претставници на организаторите.

Деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, проф. д-р Сашо Георгиевски, изјави: „Форумот се состанува со публика од 35 селектирани кандидати од 21 земја. Процесот на селекција беше тежок поради добиените 115 апликации од 47 различни земји. Денес сме овде спремни активно да учествуваме во подгнување на свеста за потребата од заштита на бегалци и специфично жени и деца раселени поради вооружени конфликти.“

Претставничката на УНХЦР во Република Северна Македонија, г-ѓа Моника Сандри, во својот воведен говор изјави: „Во светот има околу 103 милиони луѓе кои се принудени да го напуштат својот дом. Од нив над 32 милиони се бегалци, од кои половина се жени и девојки. Иако присилното раселување влијае врз сите, жените и децата – особено непридружуваните деца – се посебно ранливи и под ризик од кршење на нивните права и маргинализација. Заштитата на жените и децата бегалци е еден од приоритетите на УНХЦР. Сите ние споделуваме одговорност да ги заштитиме луѓето кои бараат заштита.“

Претставникот на Меѓународниот институт за хуманитарно право од Санремо, г. Клаудио Делфабро, кој е директор на одделот за Меѓународно право на бегалци при Институтот, изјави: „Ова е повеќе од можност да седиме во виртуелна соба со луѓе од 21 различна земја, туку е можност да преземеме акција. Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје е пример за сите како академската заедница може да биде во првиот ред за адресирање на проблемите. Овде сме да зборуваме за значајно учество на жените и децата во прашањата поврзани со нивната иднина.“

en_GBEN