Косовската бегалска криза

Автор:
Горјан Ѓоргиев

Универзитет „Св. Кирил и Методиј“,
Правен факултет  „Јустинијан Први“ – Скопје
Правна клиника за право за бегалци
2020, Скопје

Причини и услови за настанување на косовската бегалска криза

Потеклото и причините за настанувањето на косовската бегалска криза, најнапред треба да се согледаат и разберат низ призмата на новиот бран на национализам во периодот од 1970 – 1980 г. Имено, иако во Косово живееше (и се уште живее) албанско и српско население, каде доминантни се Албанците, сепак, Косово и понатаму беше и остана симбол на националистичките аспирации и на Албанците и на Србите[1].  И покрај многубројните причини кои постоеа во тој период, и секако сложената гео – политичка ситуација во која се наоѓаше не само Косово, туку и целата поранешна Југославија, сепак постојат 3 клучни причини во текот на 1980 и 1990 г. кои доведоа до оваа бегалска криза. Станува збор за следните круцијални моменти, испреплетени со низа политички и етнички тензии:

  • Подемот и власта на Слободан Милошевиќ
  • Нападите и “етничкото чистење„ на косовските Албанци кое го спроведоа воените и паравоените структури на Југославија под директно раководство на Милошевиќ, кои го изненадија светот и меѓународната заедница воопшто [2]
  • Воената интервенција на НАТО алијансата

Од суштинско значење е секако, да се прикаже, што беше резултатот на претходно споменатите настани. Имено, во текот на целиот период во деведесетите години, а особено во моментите на интервенцијата на НАТО, околу 863.000 луѓе беа принудени да побараат прибежиште надвор од Косово, а дополнително околу 590.000 беа внатрешно раселени, заедно, овие бројки имплицираа дека над 90% од населението од Косово било раселено од своите домови*. Во најголемиот број од случаите, косовските Албанци кои беа принудени да ги напуштат своите домови, со автобуски беа пренесувани до јужната граница со Република Македонија, а во многу други случаи бегалците, самоиницијативно со автомобили, трактори и други моторни возила ја следеле автобуската рута до самата граница со Македонија. Исто така, значително е и да се спомене дека многумина од бегалците, поради недоволен капацитет на возовите, беа принудени пешки да одат по железничката пруга за да стигнат до јужната граница. Имено, железничкиот превоз одиграл огромна улога во овие масовни иселувања. За илустрација: железничкиот сообраќај помеѓу Приштина – Република македонија, во нормални околности и услови се одвиваше на дневно ниво со 2 воза, составени со 3 вагони, но, по избивањето на кризата железничкиот сообраќај се мултиплицираше и се одвиваше со 3 до 4 дополнителни возови на дневно ниво, кои возови броеа од 13 до 20 вагони[3]. Дури, во еден извештај се нотира дека воз со 28 вагони преполн со луѓе, ја напуштил железничката станица во Приштина упатувајќи се кон јужната граница со Република Македонија.

Сето ова се рефлектираше во Република Македонија на економски, политички и безбедносен план.

Справувањето на Република Македонија со бегалската криза

 Како последица на кризата во Косово, пролетта 1999 година, во Република Македонија се случи оргормен наплив на мигранти, главно етнички Албанци кои побараа меѓународна заштита во нашата држава. На 02.03.1999 година, Владата на Република Македонија, донесе Заклучок за давање на привремена хуманитарна заштита. Изразено во бројки согласно податоците на МЦМС, УНХЦР и Црвениот Крст, бројката на мигрантите кои влегле во Република Македонија се проценува на околу 360.000 лица.

Oколу 170.000 лица беа сместени кај семејства домаќини, а останатите во бегалски кампови. Сепак бројките постојано варираа. Важно е да се напомене, дека и пред почетокот на кризата, економската состојба на македонските семејства не беше на завидно ниво, а со започнувањето на косовската криза, таа уште повеќе се влоши. Најголем дел од бегалците беа сместени во повеќечлени семејства, кои заедно со згрижените лица понекогаш достигнуваа неверојатна бројка од над 50 членови во едно семејство[4]. На овие семејства, им беше доведена во прашање понатамошната егзистенција. Поддршката од страна на државата за бегалците и семејствата домаќини се состоеше во доделување на пакети со храна и хигиенски производи. Во реализацијата на ова, беа вклучени 21 невладина организација, кои вршеа идентификација и дистрибуција на помошта до крајните корисници во 17 различни региони во земјата. Дистрибуцијата на пакети започна на 19.05.1999, и во петте месеци кои следеа, се дистрибуираа вкупно 2.495.94 тони храна, 299,4 тони хигиенски производи и 60 тони храна и хигиенски производи за бебиња [5]. Карактеристично беше тоа што севкупните набавки беа од Македонија, а во најголем број беа т.н. продукти “произведено во Македонија„ со што значително се поддржа локалната економија.

Покрај тоа што мигрантите беа сместувани во семејства, остаткот од нив беа сместени во бегалски кампови кои се наоѓаа претежно на северната територија на државата. Најголем број од бегалците беа сместени во кампот Стенковец, кој се наоѓаше кај истоименуваниот аеродром во близината на Скопје. Останатите, беа сместени во други кампови низ територијата на државата, а камповите кои примија најголем број на бегалци се следниве:

Стенковец 1
30.000
Стенковец 2
32.000
Чегране
42.000
Сенокос
9.800
Радуша
7.500

Табела 1. Извор: УНХЦР и Македонски Црвен Крст

Од сведоштвата на огромниот број на бегалци, може да се заклучи дека условите во овие бегалски кампови биле супстандардни, без одржување на едно достоинствено ниво за нормално функционирање и живот на човекот. Имено, многумина од бегалците овие кампови ги нарекуваа логори, со огромни метални огради високи од по околу 2,5 каде стои војската и полицијата за да ги задржи бегалците, и да не може никој да излезе, условите биле ужасни, премногу луѓе на многу мало место[6].

Најголем предизвик во справувањето со кризата и градењето на ваквите кампови, беше водоснабдувањето, одржувањето на хигиената и справувањето со отпадните води кои имаа огромно влијание врз животот на жителите на околните села каде се наоѓаа камповите, но секако и врз животната средина воопшто. Потребата за менаџирањето на овие 3 главни сегменти (водоснабдување, одржување хигиена и справување со отпадните води), беше, нормално, драстичното зголемување на популацијата заради бегалците со што се наруши природната рамнотежа во водоснабдувањето. Од друга страна, количината на отпадните води се зголеми, загрозувајќи го изворот Рашче, од кој Скопје се снабдува со неопходната вода за пиење[7]. Селата Радуша, Бојане и Рашче (околу кои и се наоѓаа бегалските кампови) се лоцирани во првата заштитна зона на изворот Рашче, главен извор за снабдување на Скопје. Со преземените активности околу водоснабдувањето и канализацијата во овие села, не се решаваше само проблемот на селата и проблемот со водоснабдувањето на камповите и околните села, туку се придонесува и во заштитата на водата за пиење за Скопје.

Последиците од кризата врз Република Македонија и крајот на бегалската криза

Се проценува дека овој бран, наплив на бегалци во Република Македонија, изразено процентуално изнесуваше околу 17,5 – 18% од вкупното население во државата. Според некои аналитичари, волкавиот наплив на бегалци во одреден момент, дури и ја променило демогравската структура на населението во државата. Исто така, многу е важно да се напомене и краткиот временски период (5 – 7 дена) во кој дојде до наплив на толкав број на бегалци, со што за една мала, економски нестабилна и не толку моќна држава претставуваше навистина сериозен предизвик. Доколку стане збор за ист толкав број на мигранти, кои за толку краток временски период би се населиле во други, по големи и развиени европски држави, несомнено е дека без оглед на нивниот степен на развој, овој бран ќе претставува навистина огромен дестабилизирачки фактор пред се, во поглед на економската стабилност на државата. Сепак, Република Македонија во бројни наврати трпеше огромни критики од меѓународната заедница и од страна на огромен број меѓународни организации чија активност беше насочена кон заштита и унапредување на човековите права, во поглед на тоа како се справува со кризата и исто така заради супстандардните услови кои постоеа во бегалските кампови. Од друга страна, претставници на тогашната влада, сметаа дека државата одлично се справува со кризата и напливот на бегалци, доколку се земе во предвид фактот економската сила и ресурсите со кои располагаше земјата, а исто така и со оглед на фактот дека доби премногу мала, речиси и незначителна помош од меѓународната заедница. Македонската економија во периодот на кризата претрпела речиси 600.000 долари директни и индиректни загуби, а пристапот до соверените пазари и увозот и извозот со северниот сосед Србија беа целосно прекинати. Уште еден интересен аспект и последица од оваа криза е тоа што, македонските граѓани, чувствувајќи се несигурно заради кризата, започнале да ги повлекуваат своите депозити од банките. Во тој период, девизните депозити се чувале во странските а не во домашните банки, при што тогашната влада се соочи со уште еден предизвик за тоа како да ги донесе парите на македонските граѓани, со оглед на тоа што скопскиот аеродром беше затворен заради интервенцијата на НАТО во соседна Србија. Носењето на парите се реализираше преку соседна Грција, преку атинскиот аеродром при што по копнен пат беа донесени во Македонија. Ова претставуваше сериозен индикатор дека македонските граѓани не се чувствуваат воопшто безбедно и стабилно.

Кризата со бегалците траеше се до 06.1999 година, односно се додека не престана воената интервенција на НАТО во соседна Србија, кога Слободан Милошевиќ беше принуден да ги повлече своите војници од Косово и останатите региони. Наспроти сите стравови и сомнежи кои постоеа тој период дека ќе се случи т.н. албанизација на Македонија, дека ќе се промени демографската структура и слично, сепак најголем број од бегалците се вратија назад во своите домови. На крајот на 1999 година, останаа само 8.103 бегалци, главно Роми од Косово. Нивниот број продолжи да се намалува, по основ на доброволна репатриација или доброволно индивидуално заминување во трети земји. Така, на крајот на 2000 година по основа на привремена заштита во Република Македонија, престојуваа 5.416 бегалци, на крајот на 2001 – 3.410, а на крајот на 2002 – 2.750 лица, така што во ноември 2008 година, бројот на овие групи изнесуваше 1.300 лица. 9 На 22.09.2003 година, Владата на Република Македонија донесе Заклучок, со кој ја укина привремената хуманитарна заштита на бегалците од Косово. При тоа, на сите оние, за кои сметаа дека се уште не се создадени услови за безбедно враќање и престој на Косово, им беше овозможено да поднесат индивидуални барања за признавање право на азил во Република Македонија, согласно со новиот Закон за азил и привремена заштита, кој стапи во сила, во август 2003 година. Ова право има беше доделено на 2.311 лица[8].

Фусноти

 1. The Kosovo Report (OXFORD, University press, n.d.), стр. 33

2. Ibid стр. 88

3. Ibid стр. 90

4. МЦМС Годишен Извештај 1999 (Скопје: МЦМС), стр.10

5. Ibid. стр. 11

6. NATO Bombardovanje: Kosovska Izbeglička Kriza u Makedoniji, Dve Decenije Kasnije,” BBC News na srpskom (BBC), пристапена Јули, 14, 2020, https://www.bbc.com/serbian/lat/balkan-48338959.

7. МЦМС Годишен Извештај 1999 (Скопје: МЦМС), стр.10

8. emagazin.mk/vesti/vest/12019?title=gostoprimliva-makedonija-nad-400.000-begalci-od-albanija-bih-i-kosovo-prestojuvale-vo-zemjava,  пристапена на 14.07.2020

Користена литература
 
  1. THE KOSOVO REPORT, conflict, international response, lessons learned, the independent international commission on Kosovo – Oxford university press
  2. THE KOSOVO REFUGEE CRISIS, an independent evaluation of UNHCR’s emergency preparedness and response
  3. ГОДИШЕН ИЗВЕШТАЈ 1999 – Македонски центар за меѓународна соработка
  4. NATO bombardovanje: Kosovska izbeglička kriza u Makedoniji, dve decenije kasnije – https://www.bbc.com/serbian/lat/balkan-48338959
  5. Косовска бегалска криза. Македонија, камп “Стенковец” 1999 година – краток документарен филм
  6. https://emagazin.mk/vesti/vest/12019?title=gostoprimliva-makedonija-nad-400.000-begalci-od-albanija-bih-i-kosovo-prestojuvale-vo-zemjava
  1.  
en_GBEnglish