Бегалски кампови и правата на бегалците

Автор:
Кристијан Петковски

Универзитет „Св. Кирил и Методиј“,
Правен факултет  „Јустинијан Први“ – Скопје
Правна клиника за право за бегалци
2020, Скопје

Вовед

Целта на овој есеј е да се направи детална анализа на бегалските кампови, како тие се карактеризирани, нивната цел и намена, и условите со кои располагаат. Есејот започнува со опис на концептот на бегалските кампови и правата на бегалците во тој контекст, ставовите на УНХЦР и нивните упатства за стандардите врзани за бегалските кампови. Понатаму есејот содржи подетална анализа на така наречените “hotspot” места за бегалците, а преку примери е приложена и анализата на новиот наспроти традиционалниот пристап за дизајн на бегалските кампови .На крајот се дадени одредени ставови во врска со прашањето дали треба да се конструираат уште бегалски кампови.

 

 

 

Бегалските кампови и правата на бегалците во контекст на камповите

Според податоците на УНХЦР денес низ целиот свет има околу 68,5 милиони присилено раселени лица од кои 25,4 милиони се бегалци, бројка која што продолжува и понатаму да расте и ѓи погодува сите земји низ светот. За да се решат бегалските кризи и да се земат во предвид пристигнатите бегалци, земјите пробуваат разни методи, од кои најзначаен метод е користењето на бегалските кампови. Камповите претставуваат идеален начин за државите да можат да се справат со бегалските кризи затоа што им овозможуваат на државите да го централизираат стресот што го предизвикуваат бегалците и да се справат со него. Исто така тие им овозможуваат на хуманитарните организации и управните тела полесно да ги лоцираат бегалците и да им помогнат. Бегалските кампови може да се дефинираат како форма на населување каде што бегалците и другите присилно раселени лица можат да добијат заштита и хуманитарна помош од страна на државата домаќин и хуманитарните организации. Сепак и покрај наведените придобивки, бегалските кампови се карактеризирани како нехумани поради нивниот третман и нивниот начин на сместување на бегалците.

Според Anna N.Hall( Refugee Camp Design) при создавање на бегалските кампови, треба да се посвети значително внимание на специфични аспекти како што се: засолниште, храна, медицинска помош, одржување на хигиената, безбедност итн. За бегалците најбитен аспект е сите во кампот да ги уживаат и остваруваат своите права.

Во 1951 година Конвенцијата во врска со статусот на бегалците беше ратификувана и ги утврди основните права на бегалците. Според Anna N.Hall, основните права кои што треба да ги уживаат бегалците и кои треба да бидат воспоставени во бегалските кампови се:.право на здружување; .право на мислење; слобода на изразување; право на приватност; право на пристап до информации; заштита од насилство; .право на слободно време, ирга и култура; познавање на своите права; non-refoulement; слобода на движење; право на образование; семеен живот; пристап до правда; право на вработување и забрана за попречување на туѓите права.

Признавањето и почитувањето на човековото достоинство е неопходно за да се остварат правата на сите.

Правото на здружување го опишува правото на бегалците слободно да се состанат, да се организираат, да се приклучат на групи и на организации се додека тие не штетат на некој друг. За време на вонредна ситуација ова право може потешко да биде заштитено.

Правото на мислење означува дека бегалците имаат право да го искажат своето мислење во врска со тоа што им се случува и тоа што се случува околу нив.

Треба да се направи разлика меѓу слобода на изразување и правото на пристап до информации. Правото на пристап до информации се однесува за надворешни информации( одлуки за структурата на кампот, управување, информации што ќе влијаат врз бегалците итн.), додека пак слободата на изразување се однесува на внатрешноста на кампот и е на лично ниво за бегалците.

Правото на приватност може да биде остварено така што во бегалските кампови ќе бидат изградени приватни простории каде што бегалците ќе можат да се чуствуваат поудобно.

Почитувањето на нивната приватност, исто така се гледа преку начинот на кој на бегалците им е дозволено да им се пристапи за време на нивниот престој во кампот во однос на медиумите и работниците за помош.

Правото на пристап до информации означува дека сите информации треба да бидат достапни за бегалците,како за информации за настани што се случуваат внатре во кампот така и за настани што се случуваат надвор од кампот. Во случај на вонредна состојба многу одлуки ќе треба да бидат донесени без предходно да се известат бегалците за настаните што се случуваат, но сепак овие одлуки можат да бидат документирани за подоцна да се соопштат.

Заштитата од насилство може да се види преку полицијата или безбедностите сили кои што се воспоставени при отварање на кампот. Полицијата/безбедносните сили треба правилно да бидат организирани за поефикасна заштита на бегалците од насилство.

Правото на слободно време, игра и култура може да се утврди преку градење на игралишта, спортски терени, паркови итн. Одговорност е на раководителите и раководните тела да им овозможат на бегалците да слават праазници, да учествуваат во културни активности и слично.

Едно од најважните права е правото да си ги знаете своите права. Бегалците треба да бидат запознаени со своите права за време на пристигнување во бегалските кампови. Ова право може да се утврди преку разни упатства, знаци, постери и слично.

Принципот на non-refoulement значи дека земјата домаќин нема право да ги врати бегалците и барателите на азил во нивната матична земја, доколку тоа им го доведе во опасност нивниот живот и здравје.

Слободата на движење како право не е секогаш можно за бегалците. Ова право може повеќе да се оствари во зависност од односите помеѓу населението на земјата домаќин и бегалците.

Правото на семеен живот може да се оствари преку изграденото опкружување. Раководителите и раководните организации можат да им овозможат на семејствата да живеат во иста област, како што живеле во својата матична земја.

Правото на образование е утврдено преку изградба на училишта во камповите.Училиштата се едни од првите структури што треба да се градат во бегалските кампови, што ќе овозможат да се утврди бројот на деца во кампот.

Правото на пристап до правда го означува пристапот што го имаат бегалците до судовите во земјата домаќин. Тие добиваат ист третман како и граѓаните на земјата домаќин.

Правото на вработување помага на бегалците во поглед на менталното здравје и им помага на раководителот и раководителните органи да го одржуваат редот во кампот. Со правото на работа бегалците ќе можат да се чуствуваат активни во бегалските кампови и ќе можат да заработат за да го подржат своето семејство и да создадат подобар живот таму каде што се.

Забраната за попречување на туѓите права се однесува на бегалците и на помошниците, така што не треба меѓусебно да си ги попречуваат своите права.

УНХЦР ја истакнува потребата за дефинирање и заштита на правата на бегалците како клучен елемент, кој заедно со добро изградената околина им помагаат на бегалските кампови да ја исполнат својата основна цел: да им се пружи на бегалците хуманитарна помош и заштита се додека не се најде решение за нивната состојба.

 

 

Упатства на УНХЦР за бегалските кампови

Пo прашањето на бегалските кампови УНХЦР дава минимални стандарди и упатства кои опфаќаат анализа, проценка и планирање на потребните материјали за засолништето и потребите на бегалците. Овие стандарди и упатства им овозможуваат на бегалците сигурност и достоинство, здрава животна средина што ќе им влијае во понатамошниот живот.Затоа при создавање на бегалските кампови е потребно да се применуваат водечките принципи на УНХЦР за планирање на камповите и да се осигура дека овие принципи се економски, социјални и еколошки одржливи.Тоа поконкретно го подразбира следново:

  • да се земе во предвид карактеристиките на подрачјето и околината каде што ќе биде кампот, како и бегалците и нивните живеалишта;
  • да им се овозможи на сите лица да имаат еднаков пристап до заштита, своите права, услуги и ресурси и активно да учествуваат во донесување на одлуките што влијаат на нив
  • дизајнот и структурата на камповите треба да има способност да се прилагоди кон одредени промени и во случај на вонредна ситуација;
  • да се постават камповите на разумно растојание од меѓународните граници и од воени инсталации;
  • да се овозможи на секоја личност, вклучувајќи ги бегалците, слободно да се движат следејќи ги човековите права и Конвенцијата од 1951 година во врска со статусот на бегалците и сите решенија и одлуки треба да се донесуваат во најдобар интерес за бегалците.

Планирањето на камповите треба да обезбеди просторно распоредување на функциите така што бегалците и другите присилено раселени лица можат да ја намалат нивната зависнот од помош и да ја зголемат својата независност и потенцијално да се интегрираат целосно во земјата домаќин.Координацијата претставува клучен елемент при создавањето на бегалските кампови затоа што ги поврзува земјата,засолништето,услугите,животната средина, управувањето и овозможува стабилно функционирање на камповите.

“Hotspot” места

Во Италија и Грција беа воспоставени таканаречени „hotspot“ места во рамките на Агендата на ЕУ за бегалците со цел да се обезбеди брза идентификација, регистрација на бегалците кои пристигнуваат на нивните брегови. “Hot spot” местата претставуваат бегалски кампови кои содржат голем број на бегалци и мигранти, и претставува простор за деморализација што бегалците се подготвени да избегаат од тој простор под било кој услов. Пристапот на “hotspot” местата беше дизајниран да придонесе за спроведување на шеми за привремена релокација на 160.000 бегалци од Италија и Грција.

Оперативната подршка дадена од страна на “hotspot” местата ќе биде концентрирана на идентификација на бегалците, како и на нивното сместување и операции за враќање на тие што не се потврдени како бегалци. Еден од најпознатите и најкритикуваните “hotspot” места,односно кампови, е бегалцкиот камп Морија, лоциран во Лесбос, Грција. Главната карактеристика на живеење во бегалскиот камп Морија е неактивност. Стотици луѓе, претежно мажи, живеат во логорот, чекајќи да биде процесирано нивното барање за азил, додека чекаат немаат никаква активност организирана од страна на надлежните органи на кампот. Актот на чекање сам по себе може да стане голем проблем за подоцнежната интеграција на бегалците. За време на нивното престојување во кампот бегалците и мигрантите мораат да живеат под исклучително проблематични услови што вклучуваат меѓу другото несоодветни објекти за домување, проблеми со хигиена, редици долги за понекогаш недоволно јадење храна, недостаток на личен простор, смртни случаи на сограѓани бегалци во кампот што разбирливо го вознемири целиот камп, немирите и судирите со полицијата. Овој список, кој во никој случај не е сеопфатен, комбиниран со несаканите изгледи за враќање назад во земјата на потекло, испраќање назад или останување уште подолго во Морија без да имате средства за поддршка на себе, ја отежнува ситуацијата.Често бегалците и мигрантите се многу очајни да го напуштат островот доколку можат да го дозволат тоа, плаќаат шверцери за да ги пренесат до копното и од таму можеби ќе најдат сличен начин да стигнат до друга европска земја или да останат во Атина и да се обидат таму да живеат. Комбинацијата на безидејност, често нехумани услови и страв од депортација им предизвикува на бегалците и мигрантите проблеми со ментални заболувања. Исто така, бегалскиот камп Морија е наменет за 3000 луѓе, а во моментов престојуваат повеќе од 13000 луѓе. Овие деморализирачки услови се комбинираат со широка употреба на алкохол и лекови во кампот. Злоупотребата на алкохол и супстанци, како и проституцијата се секојдневни проблеми со кои се соочуваат бегалците во Морија. Еден од начините на кои надлежните органи се справуваат со оваа ситуација е да пронајдат алтернативни форми на домување на жените, малолетните лица и семејствата, за да не се изложени на опасностите од овие прилично вообичаени практики.i Пристапот кон бегалските кампови не претставува само физичка, туку и културна точка за влез во Европа. Тоа не е место каде што луѓето привремено живеат со цел да се преселат во следната дестинација. Тоа е социјален простор што за многу бегалци ја означува културната состојба на живеење во Европа.

Значи, разбирливо е дека најважниот дел од бегалските кампови е создавање вредности и ставови кои можат сериозно да ја поткопаат идната социјална интеграција на бегалците. За жал Морија е еден од многуте бегалски кампови кои што немаат услови да ги издржуваат и да им обезбедат привремен престој на бегалците и мигрантите. Се што преживуваат бегалците,мигрантите и барателите на азил во овој процес, ќе им влијае во понатамошниот живот.

Новиот пристап наспроти традиционалниот пристап за дизајн на бегалските кампови

Постепеното зголемување на бројот на присилно раселени лица ја иницира потребата за значително проширување на постојните бегалски кампови и развој на новите. Постојаните вооружени конфликти, прогоните, деградацијата на животната средина и безброј други фактори предизвикуваат бегалските кампови да станат долгорочно сместување за бегалците. Според Marianne Jahre( “Approaches to the design of refugee camps”) поради финансиските ограничувања, потребно е хуманитарните организации да истражат и имплементираат поефикасни и долгорочни пристапи кон дизајн на бегалските кампови.

Камповите, како што истакнавме на почетокот, се карактеризирани како привремен простор каде што бегалците можат да добијат хуманитарна помош и заштита додека не се најде решение за нивната состојба. Локациите на бегалските кампови често се избрани за да се изолираат бегалците од населението на државата домаќин и одлуките во врска со дизајнирањето на камповите се донесени “од горе надолу”. Ова се нарекува традиционалниот пристап за дизајн на бегалските кампови. Спротивно на традиционалниот пристап, се предлага нов пристап за дизајн на камповите кој што е заснован на долгорочни и партиципативни решенија што значи дека бегалците и локалната заедница активно учествуваат во развојот и одржувањето на камповите.Според Marianne Jahre разликата помеѓу новиот пристап и традиционалниот пристап може да се најде користејќи три димензии: време, простор и ресурси. Според времето Marianne Jahre посочи дека треба да престанеме да ги гледаме бегалските кампови како привремени престојувалишта, затоа што камповите се повеќе долгорочни( просечно седум години или повеќе) отколку што се претпоставува. Со традиционалниот пристап за дизајн на камповите недоволно се опфатени интересите на бегалците. Потребно е да се постават училишта, клиники, магацини, центри за заедницата, и да се направи простор за извор на вода, за готвење, за отстранување на отпадоци и слично.

Дизајнот на кампот со традиционалниот пристап првично се фокусира на технички аспекти како што се големината, изгледот, парцелите и внатрешните услуги( здравство, храна и сл.).Кампот е обележан со зони што означуваат до каде би можеле да се движат бегалците, исто така се користат и за означување на живеалиштата, области за медицинска помош, за доделување на храна и слично. Вака дизајниран бегалските кампови претставуваат место каде што бегалците ќе пристигнат, ќе престојуваат пократко или подолго време, и ќе заминат. Главната идеја на новиот пристап е да се разбие изолацијата што бегалците што живеат во бегалските кампови ја доживуваат. Разделувањето на бегалците од општествената заедница на земјата домаќин во однос на вработувањето, образованието, социјалните и културните мрежи може да има негативно влијание врз понатамошниот развој на бегалците.

Предходно бегалците се сметаа за неквалификувани за работа и дека не се навикнати да работат на организиран начин, се сметаа едноставно само како баратели на помош на кои мора да им се помогне. Изворите на ресурси се претставени како проток од локалните заедници и нивните влади до бегалците.Ова се карактеристики на традиционалниот пристап за дизајн на камповите “од горе надолу”. Овој став постепено почнува да се менува со новиот пристап за дизајн на бегалските кампови. Со новиот пристап се смета дека споделувањето на ресурси е од суштинско значење затоа што со изградба на болници, училишта, пазари и сл. на одредени места каде што ќе бидат достапни за сите, не во центарот на кампот како во традиционалниот пристап, бегалците и локалното население ќе можат да делат меѓусебе основни ресурси како што се вода, храна, електрична енергија, здравствени услуги итн. Со ваквиот пристап бегалските кампови треба да бидат преработени како градови и да се претворат во зони на претпријатија каде што бегалците ќе можат да основаат бизниси и да ја градат својата инфраструктура. Ваквиот пристап “од дното кон горе”, може да биде корисен како за бегалците така и за населението на земјата домаќин.

Во делото “Approaches to the design of refugee camps” Marianne Jahre преку анализа на четири бегалски кампови Bur-Amino( Етиопија), Kalobeyei( Кенија), Karkamis( Турција) и Lagkadikia( Грција) утврдува кој пристап за дизајн на бегалските кампови се користи.

Bur-Amino (Етиопија) е бегалски камп отворен во 2011 година со капацитет за издржување 25.000 бегалци, дизајниран врз основа на традиционалниот пристап и стандардите на УНХЦР. Иако е планиран како привремено засолниште, поради зголемување на бројот на бегалците, кампот стана долгогодишна операција проследена со спроведување на транзициска стратегија за промена кон користење на новиот пристап за дизајн на камповите со изградба на нови засолништа за домување и со изградба на нови објекти како училишта и здравствени центри.

Kalobeyei (Кенија) е бегалски камп кој во последните децении е домаќин на околу 600.000 бегалци. Тој со помош на УНХЦР, за да се надминат лошите услови од другите кампови, се префрли од традиционалниот пристап кон новиот пристап. Со новиот пристап идејата беше да се итегрираат бегалците и припадниците на земјата домаќин во достапна и функционална заедница, комплетна со соодветна социјална и физичка инфраструктура за да се обезбедат разновидни економски можности.

Karkamis (Турција) како и другите бегалски кампови во Турција, е дизајниран според традиционалниот пристап, во кои можат да се засолнат 10.000 бегалци. Не е дозволено бегалските кампови да се зголемуваат, доколку повеќе бегалци аплицираат да престојуваат во кампот, органот за управување со катастрофи и вонредни состојби(АФАД) ќе одлучи кога и каде ќе се отвори нов бегалски камп. Бегалскиот камп Karkamis вклучува училишта, медицинска клиника, социјален простор, туш кабини и безбедност на централниот логор. Поради безбедносни причини забранет влезот и излезот од кампот, но бегалците може да аплицираат за дозвола да го напуштат кампот поради лични причини или за да работат во околните градови во Турција.

Lagkadikia (Грција) е формиран во 2016 година во кои можат да се засолнат 1.000 бегалци. Оригиналниот дизајн на бегалскиот камп е во согласност со традиционалниот пристап за дизајн на бегалските кампови, но во последните години покажува и елементи од новиот пристап. Такви елементи се: реновирање на одредени згради и изградба на нови за засолнување на бегалците, инсталирање на кујнски модули, изградба на просторија за социјализација во центарот на кампот.

Од наведените бегалски кампови, може да се заклучи дека единствено само Kalobeyei е дизајниран однапред користејќи го новиот пристап, додека пак Karkamis упорно продолжува да го користи традиционалниот пристап. Кампот Bur-Amino однапред е дизајниран според традиционалниот пристап, но постепено се менува кон новиот пристап. На крај Lagkadikia иако има одредени елементи на новиот пристап, сепак се придржува кон традиционалниот пристап за дизајн на бегалските кампови.

Заклучок

За крај, анализата би ја завршиле со прашањето кое се почесто го поставуваат хуманитарните експерти, а тоа е дали треба да се дизајнираат нови бегалски кампови.”Не дизајнирајте уште едно засолниште за бегалците” вели хуманитарниот експерт Килијан Клиншмит.Според Клиншмит “Бегалците не се посебен вид, и според тоа нема потреба од технологија за бегалци или дизајн за архитектура за бегалци,она што е потребно е да се помогне и да се овозможи градовите подобро и полесно да ги примат бегалците”. Мојот став е дека при дизајн на бегалските кампови треба да се имаат во предвид правата и интересите на бегалците и присилено раселените лица, да им се овозможат услови за живот внатре во камповите и можноста да извршуваат одредени активности( да се користи новиот пристап за дизајн на бегалските кампови), но и да им се даде можност да започнат нов живот надвор од камповите.

 

Користена литература

  1. Anna N.Hall “Refugee camp design”
  2. -Marianne Jahre “Approaches to the design of refugee camps” 2017
  3. -Nicos Xypolitas “The refugee crisis as a preparation stage for future exclusion” 2018
  4. https://www.dezeen.com/2017/12/18/dont-design-shelter-refugees-kilian-kleinschmidt-rene-boer-good-design-bad-world/
  5. https://emergency.unhcr.org/entry/35943/site-planning-for-camps
  6. https://refugeeobservatory.aegean.gr/en/life-moria-refugee-camp-greece
  7. https://www.autodesk.com/customer-stories/unhcr-video
en_GBEN