Миграции низ призмата на човекови права

Автор:
Ристе Филипов

Универзитет „Св. Кирил и Методиј“,
Правен факултет  „Јустинијан Први“ – Скопје
Правна клиника за право за бегалци
2020, Скопје

Вовед

Миграцијата претставува феномен којшто постои во сите општестава.  Тоа подразбира селење на луѓето од едно место во друго, независно дали станува збор за преселба од една држава во друга, или пак мигрирање внатре во државата.  Во меѓународното право, корпусот  на  норми коишто ги нормира миграцијата и бегалскиот статус на мигрантите е опфатен со Женевските конвенции од Обединетите нации и со двата дополнителни Протоколи. Во сите општества, миграцијата како феномен е отсекогаш присутен. Низ историјата, миграциите се случувале или на доброволна основа или пак присилно, и тоа се одвивало внатре во државите, односно во рамките на пошироките територијални единици или надвор од државните граници. Постојат повеќе причини за мигрирање

на населението. Тие можат да бидат културни, социјални, економски, религиски, класни, племенски и други причини, но се разбира дека можат да бидат поттикнати и од лоши услови на живеење или пак други притисоци од различен вид, како национална дискриминација, воени конфликти, сиромаштија и слично. Затоа за поимот миграција се врзани и позитивни и негативни ефекти. Позитивните ефекти од миграцијата се однесуваат на местото во коешто мигрантот го одбрал за живот. Тие опфаќаат: подобра безбедност, подобра медицинска нега, подобар животен стандард, подобро образование, спојување на семејствата, можност за добивање на добро работно место. Негативните ефекти се однесуваат на местото коешто мигрантот го напушта и ги претставува причините заради коишто го напушта местото. Тоа се како што напоменавме, лоши услови за живот, природни катастрофи, воени конфликти, страв од мачење и притисоци, слаба здравствена заштита, недостиг на работни места и друго. Во врска со миграцијата се употребуваат повеќе поими кои имаат различни значења. Особено често се меша нивната терминологија. А во ек на миграциската криза, тоа најмногу се случуваше за време на известувањето на медиумите. Така што, за да се разграничи, „мигранти“ се лица кои се селат од едно место, регион или држава во друго место, поттикнати од разни причини, пред сѐ економски, додека пак „бегалци“ се луѓе кои поради воени настани или потчинетост под друг вид на дискриминација, стравуваат дека може да бидат прогонувани заради својата раса, националност, религија, припадност кон конкретна социјална група или политичко уверување, и заради овие причини тие ја напуштаат својата земја. Додека пак, „баратели на азил“ се мигранти или бегалци кои бараат меѓународна заштита.

Миграции кон Европа

Заради серијата на кризи кои се случија во Мала Азија и Северна Африка, бројот на баратели на азил кои доаѓаат во Европската Унија значително се зголеми во, и токму затоа  азилот и миграција станаа итни теми за дискусија во Европската Унија. Правото на Европската Унија не дозволува регулирано пристигнување на баратели на азил, така што нивниот влез на територијата на Европската Унија е обично нерегуларен. Нерегуларноста се состои во недостаток на потребна документација и/или пак користење на неовластени гранични премини, врз основа на што мигрантите и бегалците се категоризираат како нелегални мигранти и баратели на азил. Унијата, преку своите директиви и регулативи има воспоставено одредени стандарди за обезбедување на соодветна меѓународна заштита во согласност со обврските преземени од сите земји-членки преку Конвенцијата за

статусот на бегалците од 1951 г. Но, сепак миграциската криза обелодени многу недостатоци на системот за азил, и отвори потреба за реформи и подобрување. Врз основа на тоа, во овој труд ќе бидат разработени правните средства со кои Европската Унија ги регулира прашањата во материја на азил. Во текот на изминатите 20 години, Европската Унија воведе заеднички стандарди за азил кои, особено во последните две години,

достигнаа значаен напредок со воведувањето на „Европската агенда за миграција”, предложена од Комисијата на Јункер во мај 2015 година. Заради серијата на кризи кои се случијa во Мала Азија и Северна Африка, бројот на баратели на азил кои доаѓаат во Европската Унија значително се зголеми во текот на 2015 и 2016 година. И токму заради тоа, азилот и миграција станаа итни теми за дискусија во Европската Унија. Европската Унија се обиде да постави заеднички стандарди преку неколку регулативи и директиви, но, одговорноста за спроведување на политиката за азил и миграција, сепак остана во рацете на земјитечленки и нивното законодавство. Имено, правото на  Европската Унија не дозволува регулирано пристигнување на баратели на азил, така што нивниот влез на територијата на Европската Унија е обично неправилен. Ова е пред сѐ заради недостаток на потребна документација и/или затоа што се користат неовластени гранични премини за влез во Унијата. Врз основа на тоа, нелегалните преминувања на мигранти генерално се состојат од нелегални мигранти и баратели на азил. Овие мешани текови претставуваат голем предизвик за граничните власти. Додека барателите на азил не би требало да бидат одбиени за влез во земјачленка, негалните имигранти може да бидат одбиени за влез, и тоа врз основа на Шенгенскиот договор. Преку ажурирање на своите директиви и регулативи, особено со настапувањето на миграциската криза, Европската Унија ги зајакнува своите стандарди и обврски за обезбедување на меѓународна заштита, во согласност со обврските преземени од своите земји-членки во рамките на „Конвенцијата за статусот на бегалците” од 1951 година. Така, на 13 мај 2015 година, Европската комисија ја усвојува Европската агенда за миграција, која меѓу другото, претставува и една од десетте

политички приоритети на Претседателот на Европската комисија ЖанКлод Јункер.

Агендата нуди поамбициозен и сеопфатен план за подобро управување со миграцијата, како на краток така и на долг рок. Таа се состои од четири столбови и тоа:

1. Заедничка политика за азил;

2.Борба против трговија со луѓе и спречување на нелегална миграција;

3.Управување со надворешните граници и

4. Регулирање на миграцијата.

Европската агенда за миграција, всушност дава еден нов пристап кон водење на заедничка политика за азил и миграција.

[1]

Европската конвенција за човекови права

 

            Европската конвенција за човекови права не гарантира право на азил. Тоа подразбира дека Европскиот суд за човекови права нема надлежност да одлучува дали на едно лице правилно или погрешно му било одбиено барањето да биде признаено како бегалец .  Сепак, иако правото на азил не е содржано во Конвенцијата, нејзиниот судски механизам ефикасно го штити од повреда најважниот елемент на ова право, а тоа е непротерувањето или невраќањето на лицето во земја во која можат да му бидат повредени фундаменталните права.  Па така, можеме да заклучиме дека и покрај тоа што ниту едно од правата од Европската конвенција за човекови права не е посебно наменето за заштита на баратели на азил и бегалци, тие лица можат да добијат заштита според повеќе одредби на Конвенцијата.

Поконкретно, членот 2  и членот 3 од Конвенцијата спречуваат отстранување на лицето кое би довело до соочување со вистински ризик од смрт, односно тортура или друго нечовечко или понижувачко постапување или казнување, додека протоколите бр. 6 и бр. 13 штитат од протерување или предавање на лицето во земја во која може да му биде изречена смртна казна. Членот 8 од Конвенцијата спречува разделување на семејствата согласно правото на почитување на приватниот и семејниот живот, додека членот 6 може да спречи отстранување на странец во земја каде што тој или таа се соочува со флагрантно ускратување на праведно судење. Членот 5 од Конвенцијата го уредува лишувањето од слобода , вклучувајќи лишување од слобода на мигранти и баратели на азил. Членот 1 од протоколот бр. 4 ги уредува ограничувањата на слободата на движење кои не претставуваат лишување од слобода; додека членот 4 од истиот протокол забранува колективно протерување на странци

 

Исто така според Правилата за работа на Судот,  Европскиот суд за човекови права  е овластен да нареди привремени мерки со цел да спречи протерувања или враќања кои можат да предизвикаат непоправлива штета пред тој да ги испита допуштеноста и основаноста  на жалбата.  Непридржувањето кон ваквото укажување на правилото го попречува остварувањето на правото на индивидуална апликација и со тоа го повредува членот 34 од Конвенцијата.  Членот 13 од Конвенцијата, пак, гарантира ефективен правен лек за оспорување на одлука за протерување или екстрадиција, што значи дека лицата не можат да бидат протерани или екстрадирани пред да добијат шанса за ефективно испитување на таквата одлука.

Прекршување на правата од европската конвенција за човекови права

Во обидот да се справи со невидениот бран на бегалци кои транзитираа низ државата, но и со бегалците кои останаа „заглавени“ во Република Македонија, со поединечни акти и воспоставени пракси во голема мера се прекршија правата на бегалците кои произлегуваат од меѓународните документи на кои државата е потписничка. Во таа смисла, овој дел ги анализира повредите на правата од Европската конвенција за човекови права и прекршувањето на обврските кои произлегуваат за државата.

Обврска за почитување на правата на човекот

 Член 1 од ЕКЧП предвидува дека Државите кои се потписнички на Конвенцијата им ги признаваат на сите лица под нивна надлежност сите права и слободи утврдени во Конвенцијата. Според член 8 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот. Член 29 од Уставот предвидува дека странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори. Републиката им гарантира право на азил на странците и на лицата без државјанство прогонети поради демократско политичко уверување и дејствување. Законот за азил и привремена заштита20 ги уредува условите и постапката за добивање и престанок на право на азил на странец или лице без државјанство кое бара признавање право на азил во Република Македонија. Преку целосното затворање на државните граници и подигањето ограда од бодликава жица, во спротивност на меѓународното и домашното право, Македонија ја одбегнува својата обврска за почитување на правата на бегалците.

Право на живот

Член 2 од ЕКЧП предвидува дека правото на живот на секој човек е заштитено со закон. Според член 10 од Уставот, животот на човекот е неприкосновен. Република Македонија, како потписничка на ЕКЧП, има позитивна обврска да преземе соодветни мерки преку кои ќе ги заштити животите на лицата што транзитираат низ нејзината територија. Во текот на 2014 година, сè до јуни 2015 година, сметајќи ги за „нелегални мигранти“, Република Македонија не им дозволуваше користење јавен превоз и ги принудуваше бегалците да пешачат по целата територија на државата во обид да стигнат до Република Србија. На нивниот пат, тие најчесто ја користеа пругата од Гевгелија до Табановце. На 24 април 2015 година, во близина на Велес, воз усмрти 14 бегалци од кои најмалку шестмина беа малолетни лица. Во периодот од крајот на 2014 до мај 2015 година беа усмртени најмалку 29 бегалци и мигранти, вклучително бебиња, деца и жени. За жал, и покрај тоа што Министерството за внатрешни работи беше запознаено со опасностите и ризиците на кои беа подложени бегалците, државата презеде многу малку соодветни мерки да ги заштити нивните најосновни човекови права, а особено правото на живот.

Забрана за мачење

Член 3 од ЕКЧП предвидува дека никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување. Според член 11 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени. Се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување.

Член 142 од Кривичниот законик21 предвидува дека оној што во вршењето на службата, како и оној што наведен од службено лице или врз основа на негова согласност, ќе употреби сила, закана или друго недопуштено средство или недопуштен начин со намера да изнуди признание или некоја друга изјава од обвинетиот, сведокот, вештакот или друго лице, или ќе предизвика кај друг тешко телесно или душевно страдање за да го казни за кривично дело што го сторил или за што е осомничен тој или друго лице, или за да го заплаши или да го присили на откажување од некое негово право, или ќе предизвика такво страдање поради каков било облик на дискриминација, ќе се казни со затвор од три до осум години. Ако поради вакво дело настапи тешка телесна повреда или други особено тешки последици за оштетениот, сторителот ќе се казни со затвор најмалку четири години. Според член 143 од истиот закон, оној што во вршењето на службата малтретира друг, го застрашува, го навредува или воопшто кон него постапува на начин со кој се понижуваат човечкото достоинство и човековата личност, ќе се казни со затвор од една до пет години. По прогласувањето кризна состојба од страна на Владата на РМ, од објавените медиумски материјали и непосредното забележување на претставници на Хелсиншкиот комитет кои беа присутни на јужната граница, можеше да се увиди нехуманиот третман кон бегалците од страна на специјалните полициски службеници кои употребија прекумерна и неоправдана сила и мерки на присила, користејќи солзавец и шок-бомби во неуспешен обид да ги спречат бегалците да преминат на територијата на државата. Стотици бегалци и мигранти, жртви на вооружени разбојништва од страна на групи македонски граѓани што ја злоупотребуваат нивната ранливост, беа откриени во придружба на криумчари. Во својство на сведоци, тие беа испраќани по наредба на јавен обвинител во таканаречениот Прифатен центар за странци во скопската општина Гази Баба. Објектот на поранешна градинка од 2001 година е замислен како установа која ќе овозможи привремено сместување пред депортација на лица чиј престој во државата е недозволен. Со капацитет до 120 легла, максималниот период на задржување може да трае 12 месеци. Во текот на летото 2015 година, во Гази Баба беа притворени над 370 бегалци и мигранти. Притворањето без да постои писмен акт за тоа, неможноста да се поднесе барање за азил, пренатрупаноста од околу %300, трошните услови за живот, неможноста за кратки прошетки на отворено, забраната за комуникација со надворешниот свет, нефункционалноста на кујната и тоалетите, несоодветните медицински услуги и притворањето на малолетници заедно со возрасни ја направија Гази Баба неспоредлива ниту со затворите во најмалку развиените држави од Африка. Ваквото постапување и условите во Прифатниот центар се еднакви на нехумано и деградирачко постапување. По неколкуте акции и повици од страна на домашни и странски невладини организации и активисти, реакциите на телата за заштита на човекови права на ООН и промената на статусот од „нелегални мигранти“ во лица што имаат право да изразат намера за азил, Центарот во Гази Баба беше испразнет во текот на летото во 2015 година. Дел од бегалците таму биле држени и подолго од 7 месеци. Некои од притворените, по пристигнувањето во земјите на ЕУ, изјавија дека на Гази Баба ќе се сеќаваат како на најлошото искуство во нивните животи. По затворањето на границите, практиката на притворање продолжи, но со намален интензитет од околу триесетина лица месечно.

Забрана на ропство и принудна работа

Член 4 од ЕКЧП предвидува апсолутна забрана на каква било форма на ропство и присилна работа. Уставот на Република Македонија во член 11, напоредно со гаранциите за неприкосновеноста на физичкиот и моралниот интегритет на човекот, ја забранува присилната работа. Кривичниот законик, во главата кривични дела против човечноста и меѓународното право, со членот -418а ја казнува трговијата со луѓе, односно, меѓу другото, и присилбата заради експлоатација, принудна работа и ропство.

На 5 април 2015 година, британскиот медиум Канал 4 (Channel 4 News) објави видео прилог за озлогласена куќа во село Ваксинце, Кумановско, каде што стотици бегалци се држат во заложништво од страна на криумчарска група.22 Со палки и ножеви, според сведочењето на бегалците што успеале да пристигнат во ЕУ, вооружената група изнудувала пари од бегалците и ги принудувала на присилна работа со цел да ги пушти да го продолжат своето патување кон земјите на ЕУ, притоа држејќи ги во неподносливи, нечовечки услови. По објавувањето на прилогот, на македонските полициски служби им беа потребни 6 дена за да спроведат акција за истражување на наводите. За време на акцијата, според Министерството за внатрешни работи, беа пронајдени 128 мигранти кои се криеле по куќите во селото и биле приведени неколку лица осомничени за криумчарење, меѓу кои и еден полициски службеник.

Право на слобода и безбедност

Член 5 од ЕКЧП предвидува дека секој човек има право на слобода и на безбедност и дека никој не смее да биде лишен од слобода, освен врз основа на закон. Според член 12 од Уставот, слободата на човекот е неприкосновена. Никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон. Сè до јуни 2015 година (но со намален интензитет и до денес) државата задржуваше бегалци сведоци и жртви на криумчарење во единствениот Прифатен центар за странци во Гази Баба. Дел од овие лица беа и под безбедносна проверка на Управата за безбедност и контраразузнавање. Постапката за притворање се одвиваше незаконито. Во согласност со член 108, став 3 од Законот за странци,23 МВР донесува решение за привремено задржување на странецот, а во ставот 5 е утврдено дека странецот има право на жалба најпрвин до Државната комисија за одлучување во управна постапка во втор степен, а потоа и до Управниот и Вишиот управен суд. Во согласност со член 19, став 3 од Законот за општата управна постапка,24 учесниците во постапката кои не се државјани на РМ, а не го разбираат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, имаат право на преведувач. Во член 61, став 5 е предвидено органите пред кои се води управната постапка да одговараат на македонски јазик и на службениот јазик што го употребила странката. Незаконитоста на постапката за притворање се состои во необезбедувањето преведувач од страна на МВР, со што бегалците и мигрантите не беа во можност ниту да го разберат ниту да го обжалат нивното притворање. Прифатниот центар во Гази Баба во првата половина од 2015 година беше пренатрупан и во распаѓање, а беше затворен за здруженијата на граѓани и медиумите. По реакција на телата за заштита на човековите права на ООН, народниот правобранител, невладини организации и активисти, во текот на летото 2015 година, сите задржани бегалци беа ослободени, но јавните обвинители ја продолжија практиката на испраќање сведоци во Центарот, иако во многу помал број.

Право на правична судска постапка

Член 6 од ЕКЧП го гарантира правото на правична судска постапка кое има процедурален и суштински карактер. Процедуралниот карактер на ова право, меѓу другото, се однесува и на гаранцијата за пристап до суд, односно, можноста да се оспори одредено прекршување на основните права на индивидуата пред легитимен суд (6.1.). Член 12 од Уставот ги гарантира основните процедурални права на граѓаните кои се неопходни за правична постапка. Истовремено, во членот 15 од Уставот се предвидува правото на жалба против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат овластувања. Од почетокот на бегалската криза до денес, на ниту еден бегалец кој транзитирал или подолго престојувал во Република Македонија не му е овозможено да се обрати до надлежен суд на јазик кој го разбира кога неговите/нејзините права биле прекршени од страна на носители на јавни овластувања.

Право на почитување на приватниот и семејниот живот

Член 8 од ЕКЧП предвидува дека секој има право на приватен и семеен живот, без притоа да има незаконско мешање на државата при остварувањето на ова право. Следствено на тоа, член 25 од Уставот предвидува дека на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот. Во Прифатниот центар за странци Гази Баба,25 кој има капацитет од околу 120 легла, во најголемиот ек на бегалската криза беа сместени околу 370 бегалци кои беа задржани во временски период од 7 месеци. Пренатрупаноста во објектот изнесуваше повеќе од %300 и го надминуваше прагот на нечовечки третман. Сместувачките услови вклучуваа сместување во една соба на повеќе од 20 бегалци истовремено и тоалети без или со импровизирани врати. Во такви услови, приватниот живот на бегалците кои беа задржани во Гази Баба не беше само загрозен, туку целосно отсуствуваше. Дотолку повеќе, искористувајќи ја ранливоста на бегалците при движењето на макотрпната Балканска рута, како и нивната целосна незаштитеност во кризни ситуации, новинарските екипи континуирано ги фотографираа бегалците и подоцна објавуваа фотографии од бегалците без нивна согласност. Нивната интрузивност беше неселективна, односно, не се разграничуваше дали станува збор за мажи, жени, деца или цели семејства. Со тоа, не само што се постапуваше спротивно на етичките принципи во новинарската професија туку и целосно се прекршуваше правото на бегалците на приватен и семеен живот. Во склоп на правото на приватен и семеен живот, неминовно е да се разгледа прашањето на обединување разделени семејства. Од моментот на затворањето на границите (пред 7 месеци) до неодамна е регистриран само еден случај на семејно обединување на маж, кој е признаен барател на азил во Германија, и неговото семејство, жена и деца, кои беа задржани во Транзитниот камп Табановце, Куманово. Постапката за нивно обединување траеше повеќе од 6 месеци и беше водена од законски застапници на сопругот во Германија. За жал, Република Македонија не презема никакви посериозни мерки за обединување на семејствата чии членови се заглавени во македонските прифатно-транзитни кампови. Напротив, со измените на Законот за азил и привремена заштита, државата го ограничи семејното обединување дури и за оние лица што би добиле статус на азиланти или привремена заштита. Имено, за ваквите лица беше предвидено да можат да се обединат со своите семејства единствено по истек од 3 години откако им бил признаен статус на бегалец или им била обезбедена привремена заштита.

Верски слободи

Слободата на мислење, совест и вера е предвидена и гарантирана во член 9 од ЕКЧП, кој предвидува дека ова право ја вклучува слободата за промена на верата и убедувањето, како и слободата за изразување на својата вера, сам или заедно со други, јавно или приватно, преку богослужба, поука, проповеди, верски обреди и ритуали. Слободата на вероисповед е преточена во член 19 од Уставот и идентично на Конвенцијата, тој ја гарантира слободата на изразување на верата, што подразбира и практикување на верските ритуали и обреди. За време на бегалската криза и целокупниот престој на бегалците во транзитните и прифатните центри во Република Македонија, во ниту еден случај на бегалците не им беше обезбедена соодветна соба за молење и остварување на верските ритуали и обреди, ниту пак им беше обезбеден пристап до верски објект. Напротив, бегалците се принудени да ги извршуваат верските ритуали во своите соби, во присуство на други лица или затскриени во одреден агол.

 
 

Нарушување на правата на мигрантите кои поминуваат низ Македонија и Србија

Македонија е сè уште транзитна земја за мигранти кои доаѓаат главно од Грција, но исто така и дестинација за мигранти кои најчесто се враќаат од Србија. Значителен број  мигранти ги преминуваат границите од една земја во друга: доаѓаат од Грција и ја минуваат границата меѓу Македонија и Србија, ипотоа се вратени во Македонија и Грција.

Србија сè уште се смета за транзитна земја, бидејќи повеќето мигранти имаат намера да го продолжат своето патување кон Западна Европа. Легалниот начин да го направат тоа, т.е. доаѓање на линијата за преминување на унгарската граница на граничните премини на Хоргос и Келебија е многу бавен бидејќи дневно можат да поминат само десет лица. Во август беа примени мигрантите кои чекаа од септември минатата година. Листите за чекање се составуваат според датумот на пристигнување на мигранти во Србија, но постои проблем со повремена девијација од редоследот на листите. Поради тоа, голем број бегалци одлучуваат да контактираат со криумчарите (Белград е главната точка на мигрантската рута поради контактот со нив) и се обидуваат да ја преминат границата со Унгарија, Хрватска или Романија.

Родово насилство

Пред да дојдат во Србија, а особено на патот кон Србија, голем број жени-бегалци и млади девојки доживеале некоја форма на насилство. Жените од мигрантската популација се помалку образовани, бидејќи немаа можност да се образуваат, не им беше дозволено да комуницираат со другите, особено не со мажите, не зборуваат ниту еден странски јазик и зависат од оние со кои патуваат. Често може да се сретнат со мали девојчиња чија точна возраст е тешко да се одреди, кои се веќе во брак, имаат деца или се бремени. Информации за насилството врз жените често се добиваат од мажи, а не од самите жртви. Овие жени се плашат за себе и за своите ќерки. Тие не се добро информирани за услугите кои им се нудат бидејќи овие информации се добиваат само од мажи.

Според некои сведоци, С., жена од Авганистан, била „малку претепана“ од нејзиниот сопруг. Имала модринки и траги од изгасени цигари на нејзиното лице. Се покажа дека нејзиниот сопруг всушност бил нејзиниот вујко, а таа била купена откако тој ја силувал кога имала 15 години. Пристигнала во Србија со двегодишно дете, помлад брат, син на нејзиниот сопруг од првиот брак и нејзиниот сопруг. Луѓето во прифатниот центар забележале дека тој ја злоупотрeбува, но не пријавиле нешто бидејќи не сакале да предизвикуваат проблеми. Еден сведок дури рече дека „тоа не е ништо необично“. Со заеднички напори на надлежните институции и невладините организации, С. беше сместена во безбедна куќа и нејзиниот сопруг беше уапсен.  

Присилно враќање

Мигрантите кои се обидуваат да влезат во Унгарија, Хрватска или Романија од Србија, најчесто се фатени и вратени назад. Практиката на спречување на влез и присилни, неформални враќања станува се почеста во сите земји преку кои минуваат бегалците. Многу мигранти кои влегле во Србија преку Бугарија известија дека биле подложени на насилство од страна на бугарската полиција. Насилството од страна на хрватската и унгарската полиција е пријавено од мигранти кои влегуваат на териториите на соседните земји од Србија, каде што не им е дадена можност да бараат азил, па полицијата ги враќа во Србија. Организацијата Праксис (Praxis) 1 објави дека во јуни и јули регистрирала 1.041 случај на присилни враќања од вкупно 900 имигранти, од кои една третина биле малолетни. Праксис забележа најголем број на враќања од Хрватска во Србија, а имаше и случаи на враќања од Унгарија и Романија во Србија, од Србија во Бугарија и Македонија, итн. Значителен број мигранти соопштија дека доживеале прекумерна употреба на сила од страна на полициските сили при фаќањето и враќањето. Од јуни 2016 година, заедничките сили на Армијата и полицијата на Србија на границата со Бугарија и Македонија го спречуваат влезот на мигранти. Според претставниците на Министерството за одбрана2 , до март оваа година, спречен бил влез на повеќе од 20.000 мигранти, а уапсени биле 132 криумчари. На границата меѓу Македонија и Грција, странските полициски сили (од Австрија, Полска, Унгарија и Чешка) патролираат во областа околу Гевгелија. Тие, заедно со македонската погранична полиција, ги контролираат илегалните рути преку кои мигрантите доаѓаат од Грција.

Говор на омраза кон мигранти

Бројот на случаи на ксенофобија и говор на омраза насочен кон мигрантите е зголемен. Во Македонија беше отворена широка јавна дебата во која десничарските партии истакнаа дека Македонија не треба да прифаќа мигранти на нејзина територија. На социјалните мрежи имаше повици за протерување на мигранти од земјата, именувајќи ги мигрантите како терористи кои ќе ја загрозат земјата и безбедноста на населението. Негативната кампања беше толку агресивна што имаше иницијативи за одржување на референдум кој би рекол НЕ за прифаќање и интеграција на мигрантите. Седумнаесет општини објавија дека ќе одржат референдум истиот ден како и локалните избори, кои потоа беа откажани по наредба на Државната изборна комисија.

Криумчарење и разбојништва

Голем број бегалци што влегоа и сè уште влегуваат нелегално во државата стануваат жртви на криумчари и дела од омраза. Медиумите известуваа на седмична основа за голем број инциденти поврзани со криумчарење, а Хелсиншкиот комитет регистрираше над 30 инцидент на разбојништво. За време на овие инциденти, околу 100 жртви беа државјани на Сирија, Авганистан и Мароко. Разбојничките напади имаат слични карактеристики, односно, на жртвите или им се нуди лажен превоз или се пресретнати, по што сторителите со сериозна закана или измама дека се полицајци, со ладно оружје (но понекогаш и огнено оружје, како и електрошок палки) ги преплашуваат, напаѓаат, повредуваат и ограбуваат. Следејќи ги овие случувања, можеме да констатираме дека Република Македонија значително ја потцени бегалската криза. Повреди на правата се регистрираат и до ден-денес, а во овој труд се анализираат од аспект на домашната законска регулатива и меѓународното право, со посебен осврт на Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП).

Полициско насилство врз Мигрантите во Македонија

Македонската полиција вршела вербално и физичко насилство врз мигрантите и барателите на азил, на границата и во притвор, се наведува во извештајот на Human Rights Watch објавен денес. Македонија е клучна земја на транзит долж миграциската рута низ земјите од Западен Балкан кон Европската унија, при што во земјата секојдневно влегуваат илјадници баратели на азил и мигранти, повеќето од кои доаѓаат од Сирија, Авганистан или Сомалија. Извештајот „Како да не сме луѓе: полициска бруталност врз мигрантите и барателите на азил во Македонија“ на 59 страници ги документира физичкото и вербалното насилство од страна на македонските службеници на границата со Грција и злоставувањето од страна на полициските стражари во притворскиот центар Гази Баба, во периодот од јуни 2014 година до јули 2015 година, како и неуспехот на властите да спроведат истраги и да ги изведат одговорните пред лицето на правдата. Исто така, Human Rights Watch документираше произволен притвор на мигрантите и барателите на азил во нехумани и деградирачки услови во Гази Баба. „Очигледно е дека Македонија има проблем со полициското насилство врз барателите на азил и мигрантите“, рече Емина Черимович, истражувач од „Конинг“ програмата за работни стипендии во Human Rights Watch. „Тоа нема да се смени, освен доколку македонските власти не почнат темелно да ги истражуваат наводите за полициско злоставување на мигрантите и барателите на азил, и доколку одговорните не бидат изведени пред лицето на правдата“. Human Rights Watch интервјуираше 64 баратели на азил и мигранти, вклучително и 7 деца, на различни локации во Србија и во Македонија. Седум интервјуа беа направени преку телефон. Повеќето од интервјуираните, вклучително и три деца, искусиле насилство од страна на македонската полиција, особено на границата со Грција и во Гази Баба. Луѓето опишаа дека биле тепани со пендреци, удирани во стомак, клоцани и вербално малтретирани при нивното приведување од страна на полицијата. Во некои случаи, мигрантите и барателите на азил биле принудени да трчаат еден по друг меѓу два реда полицајци кои ги удирале со пендреци по грбот, рамената и главата. Ајша, 16-годишна девојка од Авганистан, рече дека македонската полиција ја удрила неа и дека, во два наврати, таа гледала како полицијата ги тепа нејзиниот татко и нејзиниот 17-годишен брат. Првиот пат, на почетокот на јануари, Ајша рече дека семејството отишло во полициска станица во близина на границата со Грција за да бара азил. Но, полицијата ги однела назад на границата и им наредила да заминат од земјата. Таткото на Ајша се побунил. „Еден полицаец  му се приближи на татко ми и го удри со пендрек по грбот и по раката. Друг полицаец го удри брат ми со пендрек по рамената, а трет полицаец ме удри мене со пендрек по рацете,“ рече таа. Вториот пат, повторно на границата, нејзините татко и брат биле дел од групата луѓе принудени да трчаат еден по друг додека полицијата ги удирала мажите со пендреци. До јуни, мигрантите и барателите на азил биле произволно притворани во Прифатниот центар за странци, притворска установа во Скопје. Тој е познат како Гази Баба, по општината во која се наоѓа. Македонските власти притворале луѓе, без каква било значајна можност за оспорување на притворот, со цел да обезбедат дека тие се достапни за да сведочат во кривични постапки против лица осомничени за криумчарење мигранти, открила Human Rights Watch. Стражарите рутински ги злоставувале притворениците, вклучувајќи физичко и вербално насилство, а условите во центарот биле нехумани и деградирачки, изјави Human Rights Watch. Некои од притворените жени искусиле родово-базирано насилство од страна на стражарите. Во јули, македонските власти го затворија центарот и тој се реновира. Во моментов, Македонија не спроведува рутинско притворање на мигранти и баратели на азил, туку им дозволува да минат низ земјата. Сепак, во светло на настаните што брзо се развиваат и се поврзани со приливот на баратели на азил и мигранти, Human Rights Watch искажува загриженост дека доколку рутинското притворање повторно почне да се применува, насилството би можело да продолжи, освен доколку македонските власти не преземат акција за спречување на истото. Македонските власти ја известија Human Rights Watch дека покренале дисциплински постапки против пет полициски стражари во Гази Баба и суспендирале едно лице. Конкретни истраги или дисциплински постапки не биле поведени против посебната гранична полиција. Според националните закони и меѓународното право, властите во Македонија имаат јасна обврска да ги заштитат мигрантите и барателите на азил од злоставување, да обезбедат дека тие не се притвораат произволно во деградирачки услови, да го истражат и кривично да го гонат злоставувањето од страна на полицијата. Децата и нивните семејства не смеат да бидат притворени само од причини поврзани со контрола на имиграцијата. Ова е од суштинско значење, бидејќи секојдневно во Македонија влегуваат илјадници мигранти и баратели на азил, рече Human Rights Watch. Потребни се поорганизирани чекори за спречување и казнување на полициското насилство врз мигрантите и барателите на азил. Македонија, официјално поранешна југословенска Република Македонија, е земја-кандидатка за членство во Европската унија. За да се квалификува за членство во ЕУ, земјата треба да исполни одредени критериуми за пристапување во ЕУ, кои вклучуваат и усогласување на националните закони и практики за азил и третман на мигрантите со стандардите на ЕУ. „Иако Македонија го прекина рутинското притворање на мигранти и баратели на азил во деградирачки услови, нејзините практики за азил и миграција сè уште не се усогласени со обврските од националните закони, законите на ЕУ и меѓународното право“, рече Черимович. „Европската унија треба да го притисне Скопје за да го реши проблемот со полициското насилство врз мигрантите и барателите на азил, преку обука и одговорност.“

Заклучок

Ѝ покрај тоа што во последните години третманот на бегалците и на барателите на азил во Република Македонија воглавно оди кон подобрување, сѐ уште постои голема разлика помеѓу домашната легислатива и меѓународните стандарди, и може уште да се забележи прекршување на основни човекови права. Освен тоа, сѐ повеќе може да се забележи присутноста и ширењето на говорот на омраза кон мигрантите, поистоветувајќи ги со терористи. За жал, македонската популација не се обидува да ја разбере реториката и причината заради која мигрантите и бегалците ги напуштиле своите домови, и тргнале по еден непознат пат полн со непредвидливи ситуации и закани по живот, со единствена цел да дојдат до ново прибежиште со цел да остварат мирен и нормален живот. Останува да се види, како ќе се одвиваат работите понатаму, дали ќе има промена и подобрување во однос на условите во Прифатниот центар „Гази Баба“ и дали Република Македонија ќе биде во ситуација успешно да ги исполни и да ги достигне меѓународните стандарди за достоинствена заштита на мигрантите и бегалците и за остварување на нивните меѓународно загарантирани основни човекови права. Ситуацијата во областа на азилот и миграцијата останува сложена. Од една страна, Европската Унија и нејзините земји-членки се обврзани според меѓународното право и договорите на Европската Унија да понудат заштита за потенцијалните баратели на азил, а од друга страна, постојат обврски според истите основачки договори, за гарантирање на безбедноста и социјалната кохезија во општествата на земјитечленки. Земјите-членки на Унијата имаат заедничка одговорност да ги дочекаат барателите на азил на достоинствен начин, осигурувајќи дека тие ќе се третираат праведно и дека нивниот случај ќе се разгледува преку унифицирани стандарди, така што без оглед каде се поднесува апликацијата, исходот би бил сличен. Сепак, додека Европската Унија им помага на земјите-членки да се справат со бегалската криза, национални интереси на земјите- членки ги спречуваат понатамошните заеднички одлуки во оваа област.

 

Користена литература

  1. Камбовски, В. (2011). Коментар на Кривичниот законик на Република Македонија: интегрален текст. Скопје. 
  2. Камбовски, В. (2006). Казнено право – општ дел. Скопје. 
  3. https://mhc.org.mk/wp-content/uploads/2019/05/Pomos_na_rutata_izvestaj_avgust.pdf 
  4. Извештајот „Како да не сме луѓе: полициска бруталност врз мигрантите и барателите на азил во Македонија“ 
  5. http://proverkanafakti.mk/begalci-migranti-i-ksenofobija-vo-makedonskite-mediumi/ 
  6. https://www.echr.coe.int/Documents/COURTalks_Asyl_Talk_MKD.PDF 
  7. https://a1on.mk/world/fenomenot-migracija/ 
  8. https://mhc.org.mk/wp-content/uploads/2019/04/helsinski-mk-final.pdf 
  9. Скрипта по предметот Право на ЕУ, правда и внатрешни работи од проф. Д-р Љупчо Сотироски 
  10. http://eprints.ugd.edu.mk/23209/1/Migracija%20i%20covekovi%20prava_finalna%20verzija%202019.pdf  
  11. Проект: Примена на меѓународното право за бегалци во поредокот на Република Македонија Носители на проектот: д-р Елена Михајлова-Стратилати, главен истражувач м-р Наталија Кукоска, истражувач Љубица Костовска, студент истражувач Александар Ташковски, студент истражувач
en_GBEN