Бегалците и солидарноста

Автор:
Јана Иванова

Универзитет „Св. Кирил и Методиј“,
Правен факултет  „Јустинијан Први“ – Скопје
Правна клиника за право за бегалци
2020, Скопје

Aпстракт

Текстот има за цел да фрли светло врз етиката или етичките принципи кои ја водат должноста на државите да пружат помош на бегалците. Имено, текстот не се занимава со анализа на правните правила или режимот на бегалското право, туку се свртува директно кон неговите морални основи. Солидарноста кон бегалците не е исполнета само со односното дејствување на определени држави. Како што ќе биде покажано низ примерот со Германија, без соработка помеѓу државите и солидарна поделба на товарот, и најбагородните политики на азил на една држава може да имаат негативни последици.

Вовед

Инстинктот за помош, алтруизмот и сочувството се оние позитивни чувства кои го одржуваат општеството. Не е воопшто тешко и невозможно секој од нас да се замисли и да се најде во ситуација во која ќе биде класифициран како бегалец, како мигрант. Ако сега се тоа Сиријците, пред не така долг период беа германските, руските Евреи.  Без добрата волја за помагање не секој што постои денес, би постоел. Човечноста го одржува човештвото.

Морална должност за спасување

Не сме први генерации кои се соочуваат со ваков вид на состојби. Нашите предци исто така се наоѓале во ситуации каде се потребни некому, каде се чека нивната рака да биде подадена. Ние само сме во многу подобра констелација, се разбира благодарение на еволуцијата на науката, технологијата, знаете, сите подобности што ги нуди дваесет и првиот век – интернет, вести од целиот свет и информации. Дознаваме што, на кој и каде му треба во моментот. Дали ги искористуваме овие информации или оставаме само да прострујат низ нас? Меѓутоа, исто толку големи грешки се направени од голема, но непромислена желба за помош. 

Ќе тргнеме од етичката основа. Авторите ни поставуваат три етички прашања. Каква е нашата морална должност кон бегалците? Дали мигрантите, дури и ако не се бегалци, имаат глобално морално право да мигрираат во земја  по нивен избор? Кои се моралните обврски и за бегалците и за земјата во која пристигаат? За најлесно да стигнеме до одговор на овие прашања, вели Пол Колиер, ќе се замислеме себеси во една компаративна ситуација. Се наоѓаме до езерце во кое случајно паднало дете[1] и плаче за помош. Дали ќе скокнеме да го спасиме или сепак ќе решиме да не ја упропасуваме новата облека – е наш избор. Моралната дилема е: дали животот на едно дете вреди да згасне поради скапата облека? Човечноста бара да скокнеме. Состојбата конкретно на Сиријците е аналогна на давењето на детето. Како и минувачот, имаме недвосмислена должност да ги спасиме. Иако не сме виновни за нивната судбина, иако не се закануваат дека ќе не тужат доколку не им помогнеме, сепак сме должни. Во одредени конфликти Западот зеде директно соучесништво (Виетнам, Косово, Ирак), но тука реши да премолчи дури и кога сириската влада прибегна кон употреба на хемиско оружје. Осврнувањето на етичкиот момент е важен, бидејќи како морална норма треба да биде широко прифатена и практикувана. Етичката основа според некои коментатори од Западот се наоѓа во постхристијанската етика, што би значело дека од нас се бара да бидеме светци. Секако, ова мислење не е прифатено и не успеаа во наметнувањето на истото. Како друга причина за должноста за помагање е глобализацијата. Глобален свет – глобални, заеднички проблеми.[2] Колку и да е точна оваа констатација, како морална основа за помош на бегалците не е соодветна. Во тој поглед професорот од Оксфорд, Метју Гибни нагласува: „Дури и во нашиот глобализиран свет, некои неправди се едноставно локални“[3] и тоа се поклопува целосно со случајот во Сирија. Тогаш, зошто сме морално должни да помогнеме?

Повторно, и детето кое се дави и бегалците од Сирија, она што природно го евоцираат кај нас не е потреба да го почитуваме законот, ниту вина за неуспехот за уривање на сириската влада. Повеќе се работи  за сочувство, хуманост, и конечно, оној минимален сет на обврски кои ги имаме со самиот факт дека сме луѓе и дека сме дел од  заедницата на луѓе.  Западните политички теоретичари тврдат дека живееме во интерактивен, меѓусебно поврзан свет во кој нашите постапки имаат последици и не делуваат само локално.  Reductio ad absurdum – се зависи од се друго, заклучувајќи дека сите се одговорни за се. Од друга страна argumentum ad absurdum, кога секој би бил одговорен за се, никој не би преземал ништо – неограничените обврски не се решение. Некои политички теоретичари ја препознаа оваа слабост и истите ги ограничија, меѓутоа сите тие истакнуваат свој праг на одговорност кој се разликува од прагот на останатите. Со самото тоа што не можат меѓусебно да се согласат, тие не се од пресудно значење.

Поделба на товарот за заштита на бегалците

Досега ја разгледувавме моралната страна на нашата обврска да помогнеме. Следниот дел од текстот ќе премине на анализата на правните обврски на државите и нивната меѓусебна соработка. Генералните обврски на државите во областа на бегалското право немаат еден единствен начин на исполнување. Така, и покрај универзалните меѓународни правила, постои разнообразност во државните политики и практики на давање на азил и пошироко, заштита на бегалците… Ова води до три етички проблематични исходи: неправилната дистрибуција на одговорност меѓу државите,  погрешно распоредување на ограничените ресурси за поддршка на бирократските системи за азил во богатите земји и пристрасност во корист на бегалците кои имаат средства да тргнат на опасни патувања до богатите земји.

Додека светот се задржува на дебатата дали сме морално обврзани кон бегалците, станува инфериорно истражувањето како тоа да се постигне. Акцентот е поцелисходно да се стави на тоа како да се балансираат принципите на срцето и принципите на главата, со цел исполнување на облигациите кон бегалците на интелигентен и одржлив начин. Во оваа смисла,  претходната  замислена ситуација би изгледала вака: се уште сме покрај езерцето, но сега, има и други околу него. Присуството на повеќе лица има потенцијал за зголемување на можноста за спасување на детето и за нејзино намалување. Кобно по животот на детето би било кога секој присутен човек очекува некој друг да скокне по детето наместо него. На крајот – никој не презема акција. Или пак, доколку сите минувачи без размислување скокнат да го спасат, и како резултат на конфузија никој не успева да го најде детето на време. Шансите се позитивни доколку сите минувачи реагираат координирано. Повеќето минувачи го делат товарот меѓу нив во зависност од нивните различни способности и можности. Така, оној кој знае да плива – ќе скокни по детето, оној кој има крпа во себе – ќе го пречека детето и ќе го стопли. Принципите на главата доведуваат до логично владеење со ситуацијата. Партнерството и меѓусебниот договор вклучува фер споделување на оптоварувањата.[4] Се враќаме во реалноста. Додека Сиријците „се давеа во езерцето“, околку него имало многу минувачи кои одговорноста за спасување ја оставале на другиот – се исполни негативното сценарио каде сите се пасивни. Пасивни со години. Оние кои решиле да не прифатат дел од товарот – страдале од срцева слабост, а оние кои го игнорирале опсегот за компаративна предност – страдале од умствена слабост. Исход – неуспех на срцето и на главата. Потребна беше меѓународна координација, а со тоа одговорни за неуспехот се надлежните меѓународни агенции за координација. Раселените избегаа преку гранциите на Сирија кон Турција, Јордан и Либан. УНХЦР понуди кампови, обезбеди храна и засолниште. Најголем процент од бегалците истите ги игнорираа и тоа во Јордан 85%, а во Турција 90%. 

Товарот за сместување на бегалците падна претежно на петте соседни земји, а три од нив станаа главни засолништа кои ги имаа и географските и културните подобности за нивно примање. Де факто тие се земји со среден приход, а тоа ги прави недоволно финансиски способни за бегалскиот прилив. Другите „минувачи“ имаа комплементарни карактеристики. Богатите земји не беа погодни од географски и културен аспект. Покрај незаинтереираноста на САД и Европа, не презедоа акција ни Арапските држави, а ги исполнуваа сите фактори.

Државите имаат различни можности, способности, а уште поважно – различна  моќ во меѓународната арена. Опасноста тука е што помоќните земји можат да земат помал дел од товарот, или пак воопшто да не земат. Во вакви моменти важно е потенцирањето па и инсистирањето на принципот на солидарност, кој што во случајов значи дека секоја држава барем симболично треба да учествува во распределбата на товарот.

Земјите со висок приход поради можностите кои ги нудат стигнуваат до следната етничка дилема. Имено, исполнувањето на обврската кон бегалците завршува со обезбедување на можностите и условите кои тие ги имале во родните земји пред да бидат принудени да ги напуштат. Германија на пример, како земја со животен висок стандард и висок БДП нуди неспоредливо поголеми можности за бегалците од оние кои ги имале дома. Ова од друга страна го содава следниот проблем. Бегалците ја анализираат политиката на азил на различните земји и почнуваат селективно да гледаат на потенцијалните засолништа. Дури,  и оние кои веќе имаат засолниште, тргнуваат на нов пат кон земји кои нудат подобри можности. Така, со одлуката на канцеларката Меркел да им се дозволи на бегалците да останат во Германија, на Сиријците кои се наоѓале во Турција таквата понуда им била попривлечна. Непостоењето на правни средства за да се стигне до дозволениот влез во Германија резултираше со масовна експанзија во индустријата на шверц на луѓе. Бројот на бегалци кои загинале на патот кон Германија е огромен. Наместо исполнување на обврската за спасување, ненамерно се создаде извор на искушение за тргнување на опасно патување. Ова стана можност за семејствата од сиромашни земји ширум светот да ги пуштат своите често малолетни деца да заработат во Германија. Правниот статус на „бегалец“ стана атрактивен. 

Добронамерниот повик од Германија беше фатален и од друг аспект. Неговата селективност се јави како причина за нееднаквото третирање на Сиријците. Можности за опстанок таму имаат само оние кои се квалификувани, или барем образовани. Тие имаат најголема шанса за постигнување на висока продуктивност и со тоа заработка на висока плата. Селективноста всушност почнува и порано од тоа. Почнува во моментот на тргнувањето кон Германија. Средовечните фамилии, бремените жени, малите деца сигурно не се погодни за таков вид на екстремно патување на отворени чамци. Затоа, мажите се оние кои се спремни на таков чекор. Заклучно, образованите, квалификуваните мажи се таа група на бегалци чии шанси за живот во Германија се можни. Така и беше, иако медиумите милуваа да ги покажуваат сликите од децата патници, знаејќи дека тоа буди најголеми емоции. Селективноста како што се гледа, ненамерно се јавила не во една, туку во повеќе основи – возраст, пол, образование. На канцеларката Меркел сигурно не и било пријатно кога нејзините зборови „Дајте ми ги вашите образовани млади мажи“ ненамерно се толкуваат како селективен повик.

Единствен начин на земјите со високи приходи да ја исполнат должноста за спасување без да ги предизикуваат претходно опишаните околности е примената на принципот на солидарност, кој во овој случај би се операционализирал во вид на соработка со другите земји кои нудат засолништа, кои се поблиски во условите до домашните земји на бегалците. Соработката главно би се состоела во финансиска помош. 

Дополнително, се поставува прашањето што ќе се случи со земјата кога мирот повторно ќе биде воспоставен. Конфликтите завршуваат и луѓето во просек се бегалци околу 10 години, а во земјите со среден приход како Сирија, се очекува тој просек да не биде достигнат. Да претпоставиме дека мирот е воспоставен во Сирија, неважно дали е постигнат со политички консензус. Таквотото постконфликтно општество е кршливо, а таа кршливост е обратнопропорционална со економското напредување – колку економијата побрзо закрепне, толку помала ќе биде кршливоста и слабоста на општеството. Објективната стварност дека младите се најспособни за мигрирање и Меркел која бараше млади и способни луѓе за работа, створија неможност за напредок и избавување од хаосот во сириското општество. Најголем хендикеп за било која заедница е непостоење на младо, способно население кое има сила и интелигенција да го накрене општеството.[5]

Заклучок

За исполнување на нашата генерална обврска за спасување или помош на другиот, потребно е да се водиме од принципите на сочуство и солидарност. Истите принципи се подеднакво применливи и во меѓународната заедница. Впрочем тие беа основата која стои зад потребата од создавањето на бегалското право. И повторно, повеќе децении по усвојувањето на Конвенцијата за бегалците можеме да кажеме дека на бегалците им го должиме нашето сочувство и интелигенција. Должноста е интернационализирана – паѓа на грбот на милијарди луѓе групирани во над 200 земји. Партнерството, компаративната предност и фер распределбата на товарот помеѓу државите се покажуваат како супериорни наспроти соло играта. Солидарноста пак, настапува тука со цел да не се изведе сценариото каде никој не презема ништо, туку сите да преземат се. За време на сириската криза ништо од ова не се случи. Главните „минувачи“, земјите од Арапскиот Залив и земјите на ОЕЦД потфрлија поради меѓународна некоординираност. Во најголем дел, тоа се должи на несоодветната меѓународна архитектура во областа на бегалската политика. Доколку не успеавме да ги избегнеме грешките и оставивме да се случат, барем да направиме да не се повторат. Повторувањето е мајка на знаењето, но не и кога се работи за повторување на фатални катастрофи кои го чинат светот милиони животи.

Фусноти
  1. Paul Collier, „The Еthics of International Aid” во The Oxford Handbook of International Political Theory (Ofhord, 2017: Oxford University Press)
  2. Thomas Pogge, „World Poverty and Human Rights“ (Cambridge, 2008: Polity)
  3. Matthew Gibney, „The Ethics and Politics of Asylum” (Cambridge, 2004: Cambridge University Press)
  4. Matthew Gibney тврди дека поделбата на товарот меѓу државите е нормативна цел која е добра и за државите и за бегалците, „Refugees and Justice between States”, European Journal of Political Theory, 14/4 (2015): 448-63
  5. Дилемата е во тоа дали бегалците кои се засолнале во друга земја имаат колективна одговорност за сопствените земји или пак нивната индивидуална слобода е поважна. в. Kieran Oberman „Can Brain Drain Justify Immigration Restrictions?”, Ethics, 123/3 (2013): 427-55
Користена литература
  1. „REFUGE: Transforming a Broken Refugee System” – Alexander Betts, Paul Collier
  2. Martin Ruhs „The Price of Rights: Regulating International Labor Migration” (Princeton, 2013: Princeton University Press)
  3. James C. Hathaway „Why Refugee Law Still Matters”
  4. Michael Walzer „Spheres of Justice“ (Oxford, 1983: Martin Robertson)
  5. Samuel Scheffler „Relationships and Responsibilities“
  6. Kimberley Hutchings, Global Ethics (Cambridge, 2010: Polity)
mk_MKMK